Македонија Спорт Економија Формула 1 Спорт Македонија Свет Македонија Македонија Спорт

Ударни вести

Боки 13 одбил да даде исказ пред Русковска


Ракометарите на Вардар по вчерашниот тежок натпревар во Лигата на шампионите против Порто, веќе утре се среќаваат со Нексе, овојпат во СЕХА лигата.

Капитенот на Вардар, Тимур Дибиров побара од своите соиграчи најсерозно да му пристапат на утрешниот дуел со Нексе.

– Нексе е незгодна екипа и не треба да не залажуваат нивните два пораза на стартот, бидејќи им недостасуваа многу важни играчи. Сигурно ќе ја подобрат играта. Со нив секогаш сме играле тесни натпревари. Пропагираат свој ракомет. Нексе доаѓаат во Скопје многу мотивирани и сигурно нема да ни биде лесно, иако ние сме фаворити, рече Дибиров на денешната прес-конференција.

Тренерот Давид Писонеро кажа дека шанса да настапат ќе добијат повеќе играчи.

– За нас победата е секогаш најважна и тоа ќе биде приоритет и на средбата со Нексе. По вчерашниот исцрпувачки меч од Лигата на шампионите со Порто, планирам против Нексе шанса да добијат повеќе играчи, пред се помладите. Тие на вакви натпревари треба да добиваат поголема минутажа. Сакам да ги испробам и сите пивоти. Секако, овие варијанти ќе зависат и од резултатот и од тоа како се одвива натпреварот. Како и да е, поентата е да играат што повеќе играчи со оглед на тоа што сезоната е долга и со густ распоред, нагласи Писонеро.

Натпреварот Вардар – Нексе од 3.коло во СЕХА лигата е закажан за утревечер со почеток во 20 часот и 45 минути.


Малопродажната цена на бензините од ноќеска на полноќ се зголемува од два до 2,5 денари, додека на дизелот за 1,5 денар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 69,50 денари за литар, на Еуросупер БС 98 ќе биде 72 денари, а Еуродизелот ќе се продава по 64 денари за литар. За еден денар се зголемува цената на Екстра лесното масло за домаќинство и ќе изнесува 53,50 денари за литар.

Зголемување има и кај малопродажната цена на мазутот кој ќе се продава по 34,034 денари за килограм.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за околу 8,97 отсто, кај дизелот има зголемување во просек за околу 5,35 отсто, кај екстра лесното масло зголемување во просек за околу 4,39 отсто и кај мазутот зголемување во просек за околу 10,77 отсто.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 55,6238 денари за долар и е за 0,39 отсто понизок од курсот на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка.


Пилотот на Алфа Ромео, Антонио Џовинаци, е казнет со 10 секунди на трката за ГН на Сингапур. Десетте секунди беа додадени на резултатот на возачот, но тој успеа да ја задржи десеттата позиција на која ја заврши трката.

Причината за казната беше опасно возење во 34. круг, кога на патеката се појави кран за да го подигне оштетениот болид на Џорџ Расел.

Сите пилоти беа предупредувани дека треба да останат на десната страна на патеката по излегувањето од осмиот свиок, но Џовинаци ги игнорираше предупредувањата и возеше опасно близу до кранот и работниците кои работеа со него.


Поранешниот сопственик на Милан, Силвио Берлускони не беше задоволен од изданието на „росо-нерите“ во натпреварот од 4. коло на италијанскиот шампионат со градскиот ривал Интер (0:2).

– Се обидов да го гледам на ТВ, но по некое време фудбалот на Милан едноставно ме разочара.  Малдини и Бобан? Следното прашање … Само ќе кажам дека ги поддржав кога беа играчи, истакна Берлускони.

По четири рунди во Серија А, Милан има две победи два пораза и се наоѓа на 12. место.


Првоосомничениот за случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 околу пладне со полициско возило и придружба од КПУ Затвор Скопје каде што издржува мерка притвор, беше донесен на распит во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Ова е втор исказ на Јовановски за случајот „Рекет“. Бојан Јовановски – Боки 13 на 15 јули годинава беше приведен на распит во Обвинителството заедно со второосмоничениот Зоран Милески – Кичеец.

По неколкучасовниот распит Јовановски беше изведен пред Суд, каде на барање на Јавното обвинителството му беше одредена мерка притвор.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, која исто така, се наоѓа во притвор како третоосомничена исказ треба да дава утре.

Во случајот „Рекет“ што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција осомничени се  Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сите тројца се во притвор.


Синдикати, федерации и здруженија на работници од Грција, за утре закажаа генерален 24-часовен штрајк што ќе ја парализира земјата, jави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот, како што велат синдикатите, е одговор на планот на владата, во Парламентот да донесе закон што содржи измени во законот за синдикатите, за колективните договори и здравственото осигурување и паралелно бараат покачување на платите и пензиите, постојани вработувања и запирање на приватизациите.

-Правото на штрајк е последно оружје на работниците и мораме да го браниме со сите наши сили. Не може да се отстрани правото на сите за јавно здравствено осигурување и се бориме за владата, да не го донесе во Парламентот за гласање, законот за приватизација на дополнителното осигурување, соопштуваат од синдикатот на вработените во јавниот сектор на Грција, кои воедно се главните организатори на штрајкот.

Во 24-часовниот штрајк учествуваат вработените во државните болници, во здравствените центри и итната помош, службениците во банките.

Федерациите на вработените во училиштата, ги повикуваат воспитувачите, наставниците и професорите да учествуваат во штрајкот

Бродовите од 6 часот наутро ќе останат закотвени на пристаништата, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа што автобусите тролејбусите учествуваат во 24часовниот штрајк, метрото ќе сообраќа од 9 до 21 часот, а трамвајот од 7 до 23 часот.

За утре, во 11 часот по локално време, закажан е протест во центарот на Атина.


Запирање на постапката за предметот „Таргет -Тврдина“, со образложение дека се води без барање на овластен обвинител и дека присутниот обвинител Артан Ајро не е надлежен за овој предмет, побараа денеска адвокатите на обвинетите во предметот за прислушување и уништување на опремата во МВР.

Адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски на судењето во Кривичниот суд појасни дека законот на СЈО  е во правна сила до 2020 година со што само СЈО може да води постапки за кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

-Согласно законот на СЈО само специјалниот јавен обвинител е овластен тужител, рече Шврговски.

Рочиштето треба да продолжи со сведочење на Зоран Верушевски предложен од обвинителството за преметот Таргет-Тврдина  на СЈО, кој што го презема во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет Тврдина“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Женета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Ленче Ристевска. Советот на јавни обвинители на 16 септември донесе одлука со која обвинителката Ристевска беше разрешена од СЈО и вратена во матичното ОЈО Скопје.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.


Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска и утре учествува на Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија на тема: „Голема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство“, во Нур-Султан, Република Казахстан.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието, во состав на делегацијата е и пратеникот Енес Ибрахим.

На состанокот учествуваат парламентарни делегации од шеесетина земји и 39 претседатели на национални парламенти од Европа и Азија, како и 13 меѓународни парламентарни собранија. Се очекува на крајот од состанокот да биде усвоен Финален документ со препораки за поблиска соработка меѓу државите и унапредување на дијалогот, довербата и партнерството во регионот.

По завршувањето на овој мултилатерален форум, на 25 и 26 септември 2019 год, претседателот Џафери ќе оствари официјална посета на Република Казахстан, на покана од претседателот на Мажилисот на казахстанскиот Парламент Нурлан Нигматулин.


Ракометарите на Вардар и на Еурофарм Работник, Иван Чупиќ и Ловро Јотиќ се најдоа во тимот колото на Лигата на шампионите во изборот на ЕХФ.

Чупиќ постига седум гола во вчерашниот триумф на Вардар против Порто, додека Јотиќ исто така седумпати ја погоди противничката мрежа во поразот на Еурофарм на гостувањето кај Савехоф.

Идеален тим на 2.коло во ЛШ во избор на ЕХФ:

Лево крило: Себастијан Бартолд (Алборг)

Лев бек: Ловро Јотиќ (Еурофарм Работник)

Плејмејкер: Никола Карабатиќ (ПСЖ)

Десен бек: Харалд Раинкинд (Кил)

Десно крило: Ива Чупиќ (Вардар)

Пивот: Хендрик Пекелер (Кил)

Голман: Жоан Ледо Менендез (Бидасоа).