Зовре јавноста по изјавата на бугарскиот пратеник Костадинов

Нови провокации од бугарскиот пратеник Костадинов - овој пат, на адреса на премиерот Мицкоски. Додека официјална Софија молчи за реакцијата на македонското МНР - лидерот на националистичка „Преродба“ Костадин Костадинов, продолжува со провокациите.

Денеска на фејсбук, со доза на сарказам, го советуваше премиерот Мицкоски.

- Откако вчера повикав на обединување на двете бугарски држави Бугарија и Македонија, македонското МНР ја осуди мојата изјава. Го советувам македонскиот премиер, кога ќе оди на инаугурацијата на Трамп во Вашингтон следната недела, лично да му го каже истото во однос на претензиите на САД кон Канада и Панамскиот канал. Освен тоа, очекувам македонското МНР да ја осуди изјавата на Трамп како „неконзистентна со духот и времето во кое живееме. - Костадин Костадинов Преродба.

Во меѓувреме и владиниот коалиционер „Вреди“ ја осуди вчерашната изјава на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, кој ја повика бугарската влада, официјално да побара припојување на Македонија кон Бугарија. Го нарекоа маргинален проруски политичар од Бугарија.

- Ваквите провокации го враќаат процесот назад и прават штета на искрените напори за динамизирање на патот на Северна Македонија кон целосна интеграција во европското семејство. - Вреди.

Костадинов вчера на фејсбук напиша: Нема ништо пологично од обединување на Бугарија и Македонија во една заедничка држава како и враќање на Јужна Бесарабија назад во Бугарија. Порача дека е инспириран од Доналд Трамп, за Канада и Панамскиот канал, и дека е потребно и Бугарија да се спои со своите, како што напиша - историски области.

Макеонсското МНР реагираше - дека изјавата е директен напад на суверинитетот и независноста на државата и дека очекува официјална Софија да се огради од изјавата на Костадинов. Неофицијално, извори од МНР за ТВ 24 порачаа дека нота до Бугарија не е испратена, затоа што во Софија нема политичка влада а Костадинов не е владин функционер, туку бугарски пратеник.