Зошто локалот ако во него можело да се случи „ново Кочани“ се уште работи?

Зошто надлежните институции дозволиле да се одржи настанот во „Рома кафе“, ако објектот не ги исполнувал условите, прашуваат од локалот во дописот до медиумите. Во истиот допис негираат било какви прекршувања и нерегуларности, а наведуваат дека српскиот турбо фолк пејач Аца Лукас имал валиден влез во државата и запазен престој.

 „Рома кафе“

„Доколку немало услови за работа, надлежните институции пред започнувањето на настанот можеле да не известат дека не се исполнети условите во целост, затоа што 7 дена претходно сите беа уредно известени. Не се точни изјавите дека имало загрозување на безбедноста од причини што после приведувањето во 00:10 на Аца Лукас, „Рома Кафе“ продолжи со работа до 01:00 часот. 

Од ДПИ велат дека направени се прекршоци и согласно законот ќе се санкционира правното лице.

Државна пазарна инспекција

„По координираната акција и согласно Законот за угостителска дејност, ќе бидат изречени парични казни кон правниот субјект, за поголем број присутни лица во објектот и за прекршување на законот за пушење.“

Управата за јавни приходи, повикувајќи се на член 9 од Законот за даночна постапка, велат дека информациите поврзани со угостителскиот објект претставуваат даночна тајна.

Управа за јавни приходи

„Согласно Член 9 од Законот за даночна постапка (Даночна тајна), службените лица се должни да ги чуваат како даночна тајна:

сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночна, прекршочна или судска постапка;

податоци за пронајдоци или патенти, како и други податоци за технолошките постапки кои ги применува даночниот обврзник;

сите деловни тајни за трето лице со кои е запознаено службеното лице.

Врз основа на оваа законска одредба, не сме во можност да споделиме информации за евентуални мерки преземени кон конкретен угостителски објект, ниту за неговиот актуелен статус, бидејќи истите претставуваат даночна тајна.“

Српскиот турбо фолк пејач, Аца Лукас, откако надлежните констатирале дека во објектот во Кавадарци настапувал без потребната дозвола и била поднесена прекршочна пријава судот во  Кавадарци му изрече парична казна, денеска се огласи на социјалните мрежи и кажа дека македонските власти се против него. 

Претходно, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев за Тв 24 изјави дека објетктот не бил регистриран како ноќен клуб, туку кафитерија и од објектот се обратиле до општината за да се издаде дополнителна јавно прометна површина за одржување концерт на Аца Лукас, но општината го одбила барањето затоа што немало услови за истото.

Од МВР најавија дека ќе продолжат со засилени контроли на територија на Македонија.