Зошто „Чебрен“ е интересен за Американците?!
Хидроцентралата Чебрен е повторно актуална и тоа по средба на премиерот Мицкоски со поранешен американски разузнавач. Иако не прецизираше каква врска има Ричард Гренел - екс шефот на американското разузнавање во времето на Трамп, со инвестицијата во Чебрен, премиерот Мицкоски вели дека со американскиот дипломат имал плодна и успешна неколкучасовна средба, на која разгледале многу опции и можности. Средбата била во насока на идејата да видиме колку е можно повеќе, насекаде низ светот да собираат информаци од кредибилни партнери за нивно учество во вакви стратешки проекти, вели Мицкоски.
За Мицкоски, производството на струја од Чебрен е четвртиот приоритет, пред новиот басен со вода кој ќе се изгради таму, наводнувањето на Тиквешкото поле и туризмот. Тој очекува да се разработи јасен план и, како што вели, конечно да го завршиме овој проект. Анализите ќе покажат дали ќе се гради со стратешки партнер или државата ќе обезбеди пари, па самата ќе го изгради, вели Мицкоски, кој тврди дека ова било дел од разговорите со Гренел.
Претходната влада силно ја туркаше изградбата на Чебрен, но откако на тендер ја избра грчката ППС Архиродон, проектот пропадна, оти компанијата не обезбеди банкарска гаранција. Во текот на целата постапка, проектот беше силно критикуван од ВМРО ДПМНЕ како тогашна опозиција. Од друга страна, завчерашната средба меѓу македонскиот премиер и американскиот дипломат, кој дел од американските медуими го опишуваат како контроверзен пратеник на Трамп, е втора во краток период откако двајцата се сретнаа во САД за време на годишнината на НАТО. Освен со Мицкоски, Гарнел одржува чести комуникации и со српскиот претседател Вучиќ и унгарскиот шеф на државата Орбан.