ЗНМ: Важноста на независното и професионалното новинарство стана поважна од кога било
Foto

ЗНМ: Важноста на независното и професионалното новинарство стана поважна од кога било

Одбележувајќи го Светскиот ден за слобода на медиумите - 3 мај, денес во услови на светска здравствена криза, повеќе од кога и да е претходно стана јасно значењето на независното и професионално новинарство, бидејќи кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19 ги исфрли на врвот сите доблести, но и слабости на новинарството кое во изминатиот период минува низ сериозни промени и премрежја, оценува Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

- Професионалното наспроти пропагандистичкото новинарство, денес е повеќе од било кога предизвик за сите нас, да се обидеме да го одржиме квалитетот на новинарите кои ја негуваат слободната мисла како водич, низ пречките со кои се соочува светот, но и Северна Македонија.

Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните, се наведува во соопштението на ЗНП по повод Светскиот ден на слободата на печатот.

Здружението на новинари на Македонија заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје повикуваат на солидарност и поддршка, пред сè од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во изминатата година се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот соодветно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата поврзани со Ковид-19 пандемијата.

- Борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции. Но, не е само пандемијата дел од сликата за новинарството и медиумите денес. Бавниот напредок на медиумските слободи на светските листи што ги мерат овие параметри покажува дека се потребни дополнителни напори на целата заедница во Северна Македонија, за посилен пробив кон листата на земји во кои медиумите се целосно слободни. Новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен, се додава во соопштението.

ЗНМ нагласува дека како продолжување на соработката со Мисијата на ОБСЕ во рамките на која минатата година беа распределени 150 пакети заштитна опрема од Ковид-19 до 100 медиуми, денеска, по повод одбележувањето на овој ден објавува дека со помош на ОБСЕ Здружението обезбеди 120 комплети од елеци и заштитни капи, што ќе помогнат репортерите кои присуствуваат на настани со зголемен ризик да бидат попрепознатливи и на тој начин подобро заштитени.

- Според овогодинешниот извештај на „Репортери без граници“ за слобода на медиумите објавен неодамна, Северна Македонија бележи скок од две места на оваа листа и сега се наоѓа на 90-то место од вкупно 180 земји во светот, што иако е мал напредок, сè уште е разочарувачка позиција. Затоа потсетуваме на нашите минатогодишни барања по повод Светскиот ден за слобода на медиуми, а тоа се темелни реформи на медиумскиот сектор во државата со цел воспоставување услови за работа на новинарите и медиумските работници преку кои би се создал амбиент за извршување на нивните работни задачи без притисоци, уцени и загриженост за нивната економско-социјална состојба, се додава во соопштението на ЗНМ. 

0 Коментари

Остави коментари