ЗНМ: Политичарите на позиции на моќ треба да преземат одговорност

ЗНМ го смета извештајот на Репортери без граници (RSF) за слобода на медиумите за реален и балансиран приказ на состојбите, кој јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи.

Потенцираат дека во правниот дел, извештајот нотира дека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. SLAPP тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари.

-Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција.

Извештајот укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари.

Во економскиот дел, се истакнува дека финансирањето на медиумите е ограничено и нетранспарентно, а редакциите често се подложни на економски влијанија, додаваат од Здружението на новинари.