ЗНМ: Осуда за вербалните закани на Бојан Јовановски кон Мери Јордановска
Foto

ЗНМ: Осуда за вербалните закани на Бојан Јовановски кон Мери Јордановска

Здружението на новинарите на Македонија ги осудува вербалните закани изречени од страна на застапник на менаџментот на телевизијата „1тв“  Бојан Јовановски врз новинарката на Макфакс, Мери Јордановска.
Менаџерот Јовановски кој е син на доминантниот сопственик на „1ТВ“, во својот напис на социјалните мрежи директно ја прозива Јордановска поради нејзини изречени критики за емисијата „Инсајдер“,  која се емитуваше на оваа телевизија. Тој преку своите објави се обидува да изврши притисок врз новинарката со тоа што јавно ја прозива да провери дали сопственикот на медиумот каде што таа работи преговара со „1тв“ за соработка. ЗНМ на овие реакции гледа како на закани по работното место на новинарката и обид да влијае врз нејзиното известување, но и нејзината критична опсервација на објавени медиумски содржини.

Потсетуваме дека Законот за медиуми во членот 11 дава право на новинарот да го изнесе својот став и мислење за работата на истиот доколку не се придржува кон професионалните правила на новинарската професија утврдени од страна на професионалните организации на новинари и тоа во медиумот каде новинарот е ангажиран, а не пак за став кон работата на други медиуми. Потребно е да се знае дека менаџментот и уредувачката политика се одвоени, согласно домашните и европските пракси и регулативи. Ваквите изјави од страна на лица со менаџерска функција во медиум кои се блиски до сопствениците на истиот може да влијаат негативно врз и онака кревката состојба на слободата на изразување и независноста на медиумите. - стои во соопштението на ЗНМ.

Со осуда се јавија и од Синдикатот на новинари, а се огласи и  редакцијата на „Макфакс“ и групацијата „Клип медија“ кои посочуваат дека застануваат зад Јордановска и како и досега и во иднина ќе ѝ гарантираат слобода на изразување и мислење осудувајќи ги сите обиди за закани и влијанија од страна. Воедно, велат од Клип медија ги осудуваме инсинуациите на Бојан Јовановски, кој вчера на социјалните мрежи напиша дека во тек се преговори за соработка меѓу „1тв“ и „Макфакс“. Нашата редакција со него и со „1тв“ нема никаков договор за соработка, а по вчерашниот негов став, нема никогаш ниту да има, се наведуваат од Клип медија.

 

 

 

0 Коментари

Остави коментари