ЗНМ ја поздравува одлуката на Елемент ПР за прекинување на договорот со Град Скопје
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздравува одлуката на агенцијата Елемент ПР за спогодбено прекинување на договорот со Град Скопје како општествено одговорен потег.
Според ЗНМ, ова претставува позитивен пример кој треба треба да премине во пракса.
-Да потсетиме, на 10 септември на интернет страницата на бирото за јавни набавки беше објавено дека градот Скопје предвидува да инвестира речиси 5 милиони денари за „Подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на градот Скопје” преку маркетинг агенција. После објавата, веднаш реагиравме со соопштение, посочуваат од Здружението.
Со ваквиот начин на финансирање на медиуми, според ЗНМ, Градот Скопје го прекршува мораториумот за забрана на јавни кампањи во приватни медиуми и директно го прекршува членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за забрана за рекламирање, како и Одлуката на владата за забрана за рекламирање во традиционалните и онлајн медиуми од 2017 година.
Од ЗНМ ги повикуваат и останатите маркетинг агенции кои на овој или сличен начин работат со општини или други државни институции да ја следат оваа пракса.