ЗНМ и ССНМ: Веднаш да се усвојат измени на кривичниот законик за заштита на новинарите, во спротивно бојкот
Пратениците да престанат со политички игри и итно да ги усвојат законските измени со кои ќе се зголеми безбедноста на медиумските работници кои веќе 17 месеци се заглавени во Собранието, порачаа од Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари.
Велат и по пет години од иницијативата за измени на Кривичниот законик медиумските работници не само што не ја добија законската заштита, туку се мета на напади. За три години се пријавени 25 напади врз новинари, од кои само два добиле судска завршница.
На Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, новинарските здруженија и дадоа рок на народните избраници до крајот на годинава да покажат вистинска а не само декларативна заложба
По Нова Година велат ќе има бојкот на фелата се додека не ја добијат законската заштита. Од пред собраниските врати потсетија и на неправдата врз нападнатите новинари од крвавиот четврток на 27 април 2017 година за кои уште нема пресуди.

