ЗНМ ги додели годишните новинарски награди
Foto

ЗНМ ги додели годишните новинарски награди

По повод 75-годишнината од формирањето на Здружението на новинарите на Македонија, денеска беа доделени годишните новинарски награди на ЗНМ. Наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, оваа година, замина во рацете на доајенот на македонското новинарство, Александар Чомовски – Чом.

Заблагодарувајќи се за наградата, Чомовски сподели дека имал среќни околности што започнал како радио новинар во, според него, една извонредна гарнитура која оспособувала генерации, да продолжи во телевизиите, а потоа да стане и дописник на Дојче Веле.

- Имам една клучна порака, малку сме, македонското новинарство е пред предизвиците да се рестартира. Ние објективно ќе мора да извршиме, како веројатно и целиот свет, во оваа професија да ги редефинираме нејзините принципи. Мислам дека одмина времето на таканареченото објективно новинарство, доаѓа предизвикот за субјективните погледи кон политичките и општествените процеси. Секој соопштува анализи, поставува свои фејсбук постови кои понекогаш се вистински, целосни коментари, понекогаш извор на вести, извор на скандалите. Мислам дека македонското новинарство ќе задоцни ако не доживее редефинирање на своите приоритети и на кадровските ресурси кои се подготвуваат, сподели Чомовски.

Наградата „Јашар Еребара“, за годишно истражувачко новинарство, ја поделија новинарите Христина Ѓорѓиевска за сторијата „Заробените бели дробови на градот“ објавена на дигиталната платформа „Види Вака“ и Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Емилија Петреска како и Даниел Евросимоски за сторијата во две продолженија „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави” и „Недопирливите убијци на балканскиот рис”, објавена на радио „Радио Моф“.

Христина Ѓорѓиевска од „Види Вака“ се заблагодари и кажа дека ова признание е мотивација и поттик за сите кои што се во овој медиумски свет, дека се на добар пат кон она што го работат.

– Во однос на темата „Заробените бели дробови на градот“ за жал, заробените дрва се од човечки фактор и треба што повеќе да посветиме внимание на животната средина, тргнувајќи за нас а подоцна и за идните генерации. Во ова истражување кое што го следиме, во последните две и пол години, многу малку се ослободени заробените дрвја, сега има изговор дека тоа е поради пандемијата, но, ќе помине и пандемијата, и се надевам ќе се освестиме, изјави Ѓорѓиевска.

Од МОФ споделија дека многу ги радува тоа што токму еколошките теми се препознаени како нешто што е вредно за награда и истражување и е тема на интерес и на јавноста и на новинарите.

- Нè радува што го препознавте нашиот труд, затоа што во шест месеци пропатувавме во три држави, направивме стотина интервјуа, копавме по документи и на моменти самите си викавме, „добро, зошто го правиме ова“. Ни беше важно затоа што важна тема ни беше животната средина, важно ни беше за тоа јавноста да дознае што се случува со балканскиот рис , затоа што балканскиот рис и неговата заштита се само еден симбол на тоа што ни се случува со животната средина, споделија од МОФ.

Новинарот од Куманово Решат Ибраими од „News TV“ со својата видео сторија „Жалосна судбина на невестата од Албанија“ и Александра Максимовска од МИА, дописник, исто така, од Куманово, со својата тема „Правно невидливите лица од Куманово“ ја поделија годишната награда за известување на теми од локално и регионално значење за 2020 година.

Од ЗНМ велат дека наградените стории сеопфатно ги опишуваат и се обидуваат да ги доближат до граѓаните проблемите со кој се соочуваат граѓаните во руралните и помалку развиени места во нашата земја.

На јавниот конкурс оваа година, во предвидениот рок, вкупно биле поднесени 20 апликации за награди за сите три категории, а членови на Комисијата за избор на наградите биле новинарите Мира Костиќ, како претседател и како членови Сашко Димевски и Аднан Ајдари.

0 Коментари

Остави коментари