Знамето на МПЦ повторно се вее во манастирскиот двор на Попова шапка

Приведено е лицето кое го симна знамето на МПЦ поставено на јарбол во дворот на манастирскиот комплекс на Попова Шапка и против него ќе биде поднесена соодветна пријава информираат од МВР.

Знамето било фрлено, а на негово место било ставено знамето на Албанија. Претседателот на Црковниот одбор на манастирот „Свети Наум Охридски-Чудотворец“ на Попова Шапка, го пријавил случајот во СВР Тетово, а за чинот на сквернавењето на црковното знаме постои и видеозапис од надзорните камери. Тетовската полиција брзо реагирала и само за неколку часови го привела сторителот.

„Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер околу 23.30 часот по преземени оперативни мерки, за само два часа го идентификува и го лиши од слобода 33 годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица. Тој се сомничи дека од јарболот на манастирот „Св. Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никого во верскиот објект, го симнал црковното знаме на Македонската православна црква - Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија. Ј.А. при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице. Случајот се расчистува и ќе следува соодветен поднесок.“ - велат од СВР Тетово.

После чинот сторителите на социјалните мрежи дури и го објавиле видеото на кое се гледа како едно маскирано лице со дуксерка на која е амблемот на навивачката група „Балисти“ на ФК Шкендија од Тетово, го симнува знамето од јарболот во манастирот.

Инцидентот ја разгоре јавноста. Со своја реакција и остра осуда се јави претседателот на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски.

„Сторителите мора да бидат најстрого санкционирани. Вакво поведение е недозволиво и ги подрива сите напори за градење здрави општествени односи во нашето кревко плурално општество, порача Сотировски.

За инцидентот се огласи и лидерот на Достоинство и претседателот на ЦУК Стојанче Ангелов кој ги повика албанските партии да го осудат чинот.

„Провокациите никако не треба да се премолчуваат туку на нив треба жестоко да се реагира. Само така ќе се обесхрабрат идните потенцијални провокатори. Реакцијата на општеството на вакви провокации треба да биде обединета и единствена без разлика на етничка, верска, политичка или било каква друга припадност. Верувам дека мнозинството Албанци го осудуваат овој варварски чин на сквернавење на црковното знаме. Единствено не видов претставник на албанските политички фактори во Македонија да излезе со јавна осуда на овој чин, а треба. Затоа го повикувам лидерот на ДУИ Али Ахмети јавно да го осуди овој провокативен вандалски чин“, напиша Стојанче Ангелов.

Кој сака да испровоцира меѓуетнички тензии прашуваат од ВМРО ДПМНЕ.

„Има ли држава и институции? Повторно сме сведоци на провокации кои доаѓаат од центри кои имаат намера да испровоцираат меѓуетнички тензии.Ќе реагираат ли веднаш институциите или уште ќе политизираат за политички поени? напиша пратеникот Александар Велјановски на неговиот фејсбук профил.

Од црковниот одбор на манастирот информираат дека утрово поставиле ново знаме на Македонската православна црква - Охридска архиепископија на јарболот пред храмот.