„Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за Влада Урошевиќ
Академик Влада Урошевиќ, македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, и преведуваче годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на позијата објави претседателката на Управниот одбор на манифестацијата, Елизабета Шелева при денешното прогласување на лауреатите во НУБ „Климент Охридски“.
Тој е трет македонски автор кој го добива Златниот венец, по Блаже Конески во 1981 и Матеја Матевска во 2011.
За наградата Урошевиќ се заблагодари од седиштето на УНЕСКО во Париз каде денеска се слави Светскиот ден на поезијата, 21 март и каде се одржува целодневна програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.
Минатата недела, академик Урошевиќ за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“ ја доби престижната книжевна награда Роман на годината за 2022. Романот го издаде „Арс ламина“.
Ирскиот поет Гевин Бредли со неговата стихозбирка „Страв од разделба“ е годинешниот добитник на наградата „Мостови на Струга“ - меѓународна награда што ја доделува фестивалот „Струшките вечери на поезијата“ заедно со УНЕСКО, за најдобра дебитанска поетска книга во светот.