Златна мимоза за „Домаќинство за почетници” на Горан Столевски

„Домаќинство за почетници” по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција, ја освои наградата златна мимоза за најдобра режија на филмскиот фестивал во Херцег Нови, кој се одржа од 23 до 29 август 2024.

„Домаќинство за почетници” беше дел од натпреварувачката програмата за долгометражни играни филмови, а за нагрдата одлучуваше жирито во состав: Лордан Зафрановиќ, Пјер Жалица и Павле Симоновиќ.

Златната мимоза е четрнаесетата награда за филмот „Домаќинство за почетници“, кој досега е прикажан на повеќе од 70 фестивали ширум светот, а е дистрибуриан во кината во Америка, Австралија, Холандија, Хрватска, Полска, Македонија.

Светската премиера на „Домаќинство за почетници” се одржа во 2023 на филмскиот фестивал во Венеција, а македонската премиера беше на минатогодишното отварање на Интернационалниот фестивал на филмската камера, „Браќа Манаки“. Филмот беше избран за македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ за 2023 година, а беше дел и од селекцијата за Европските филмски награди, каде доби една номинација.