Златен и бронзен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Шумен, Бугарија

Ученикот Владимир Грчев од Кочани освои златен медал, а бронзен Марко Кренков од Струмица на 9. Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), која од 29 август до 4 септември се одржува во Шумен, Бугарија.

-Младите македонски ученици – информатичари постигнаа огромен успех: по втор пат во историјата на ова натпреварување македонскиот тим освојува златен медал, но овој пат надополнет и со еден бронзен медал. Златниот медал за Македонија на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Владимир Грчев од Кочани, а бронзениот медал го освои Марко Кренков од Струмица.Членови на македонскиот тим беа уште и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје. Тимот беше раководен од лидерите, Иван Занов и Петар Ковачовски, студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), информираат од Здружението
на информатичарите на Македонија.

Учениците кои ја претставувале Македонија на олимпијадата биле избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржува по 36-ти пат.
Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и неколку општествено одговорни компании.

Официјален домаќин на ЕЈОИ 2025 е Република Бугарија, а главен организатор на настанот е Министерството за образование и наука на Бугарија.