Жртвите на семејно насилство да побараат поддршка од институциите – повикаа од Центарот за социјални работи Куманово
Foto

Жртвите на семејно насилство да побараат поддршка од институциите – повикаа од Центарот за социјални работи Куманово

 Социјалните работници од Куманово порачуваат жените да не се срамат и да пријават семејно насилство. Во услови на корона-криза, домашна изолација, никој не треба да се чуствува осамено и да биде препуштен сам на себе. Жртвите треба да пријават семејно насилство на телефонските броеви на полицијата, на СОС-линиите, во центрите за социјална работа.Жртвите не треба да се срамат да пријават насилство, психичко или физичко. Институциите нудат поддршка, велат надлежните од кумановскиот центар за социјални работи.

 
Дваесет и шест жртви пријавиле семејно насилство во првите шест месеци од тековната година во кумановскиот Центар за социјални работи. Социјалните работници предложиле 21 мерка за заштита на жртвите на семејно насилство од страна до Основниот суд Куманово од кои 20 биле изречени од страна на Судот. Една жртва била сместена во Центарот за лица жртви на семејно насилство.

Кон сторителите на насилството најчесто биле предложени и изречени мерки забрани за малтретирање, вознемирување, забрани да се заканува дека ќе стори семејно насилство, забрана за приближување до живеалиштата на жртвата, задолжително лекување од алкохол. Жртвите навеле дека сторителите ги малтретирале, ги навредувале, им ја загрозувале сигурноста, телесно ги повредувале, им вршеле психолошко или физичко насилство со коешто им предизвикувале чувство на несигурност, загрозување или страв.

– Семејното насилство има различни форми, честопати последиците се видливи, но многу често тоа е скриено, притаено. Може да станува збор за физичко насилство, за сексуално насилство, за психолошко и економско насилство. Каква и да е формата на насилството, од него најмногу страдаат децата, жените и старите и изнемоштени лица – вели директорката на Центарот за социјални работи, Александра Арсовска.

По пријава за семејно насилство Центарот за социјална работа е должен веднаш да почне постапка, а најдоцна во рок од 24 часа од добиеното сознание да преземе мерки за заштита на жртвата.

И од МВР потврдуваат дека најчесто жртви на семејно насилство се жени, повозрасни членови на семејствата, децата. Во СВР Куманово од почетокот на 2020 година досега има вкупно 205 пријави за семејно насилство, од кои 57 се кривични дела и 148 поплаки. Од вкупно 57 пријавени, кривични дела сторени при семејно насилство за 53 дела се поднесени кривични пријави до Основното јавно обвинителство Куманово, а останатите четири се во фаза на расчистување по што ќе следува соодветен поднесок.

Лани во овој период имало незначително повисок број пријави за семејно насилство, 229, од кои 59 биле кривични дела и за сите биле поднесени кривични пријави до ОЈО Куманово, а биле поднесени и 170 поплаки.

– Бројот на поднесените пријави споредбено со 2019 година е намален, а најголем број пријави во 2020 година има во месеците јануари и мај и најчесто се однесуваат на физичко насилство на брачниот другар или интимниот партнер, кој е во алкохолизирана состојба. Како најчести жртви на семејно насилство се јавуваат жени и стари лица, а индиректно се инволвирани и децата, велат од СВР Куманово.

Во првото тримесечје годинава имало 96 пријави, од кои 23 биле кривични дела, а 73 се поплаки, додека во второто тримесечје има 109 пријави, од кои 34 се кривични дела, а 75 се поплаки. Лани, во првото тримесечје имало 109 пријави, од кои 30 биле кривични дела, а 79 поплаки, додека во второто тримесечје 2019-та имало 117 пријави, од нив 29 кривични дела, а 88 се поплаки.

Жртвите имаат право на сместување во Центар за лица жртви на семејно насилство на соодветна здравствена заштита, психосоцијална интервенција и третман, психосоцијален третман во советувалиште, помош на семејството за редовно школување на децата, правна помош и застапување и економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот.

Во рамките на кумановскиот Центар за социјални работи почна да работи и специјализирано советувалиште за жртви на семејно насилство во кој жртвите со нивна согласност можат да добијат дополнителна психо-социјална помош и поддршка за надминување на проблемите со кои се соочуваат.

0 Коментари

Остави коментари