ЖОЛТИТЕ ЕЛЕЦИ ПОБЕДИЈА – МАКРОН СЕ ПОВЛЕКУВА ОД НАМЕРАТА ЗА ПОСКАПУВАЊЕ НА ГОРИВАТА

Француската влада ќе ја суспендира одлуката за зголемување на данокот на горива а со тоа и нивното поскапување по насилните протести во земјата.

Претходно, премиерот Едуар Филип повика на компромис со демонстрантите, но тие ги откажаа преговорите под притисок на екстремисти во своите редови. Според извор близок до шефот на владата, на кој се повикува Ле Паризиен, премиерот едноставно немал друг избор.

Мораториумот или според владината терминологија „суспензија“ на спорниот закон кој беше предвиден од 1 јануари, официјално ќе биде објавен пред пратениците од владејачката партија „Франција во движење“ и треба да биде на сила во период од шест месеци заедно со други мерки кои имаат за цел смирување на ситуацијата.

Одлуката за мораториум беше донесена по синоќешната средба меѓу премиерот Филип и претседателот Макрон во Елисејската палата.

- „Владата и претседателот понекогаш не се свесни за реалноста во животите на француските граѓани. Тие мораат да слушаат бидејќи ситуацијата може драстично да се влоши“. - изјави Жан Кристоф Лагард-лидер на унијата на демократи на Франција

Меѓу тешките одлуки со кои се соочува претседателот Емануел Макрон е исполнување на некои од барањата на демонстрантите, можна реконструкција на владиниот кабинет, како и обединување со опозицијата, во обид целосно да ја реши кризата.

Протестите на движењето „Жолти елеци“ почнаа на 17 ноември заради најавеното зголемување на данокот на горива и набзо прераснаа во општо незадоволство од економските реформи на претседателот Макрон, од кои, според демонстрантите, корист имаат само богатите и големите бизниси. Протестите на први декември во престолнината Париз станаа насилни при што загинаа најмалку три лица а беа оштетени и културно-историски споменици вклучувајќи ја и Триумфалната порта. Претседателот Макрон дури размислуваше да прогласи вонредна состојба за да се справи со најголемата криза во земјата во последните 50 години.