Живеачката се поскапа

За 103% се зголемила вредноста на синдикалната минимална кошница во изминатите пет години. За истиот период минималната плата се зголемила за 71,4%, додека просечната плата во државава се зголемила за 63,9%. Ова го покажала новата анализа на Сојузот на синдикатите на Македонија за тоа колку пари им се потребни на граѓаните за да го преживеат месецот.

Анализата покажала дека трошоците за живот пораснале побрзо од приходите. Односно во 2021 година биле потребни 2.2 минимални плати за да се покрие синдикалната минимална кошница додека во 2026 година, бројката скокнала на 2.6 минимални плати. Една просечна плата во 2021 година покривала 84% од кошницата додека во 2026 година само 68%.

Иван Пешевски, ССМ

- Нашата анализа за последните 5 години што ја направивме покажува дека животот е поскап за точно 103% што е многу ако се спореди порастот на минимлната и просечната плата низ овие години. Животот во Македонија од ден на ден станува се поскап и ни претходната влада ни оваа влада не донесоа конкретни мерки со кои би се зачувал животниот стандард на работниците. Затоа постојано апелираме и бараме веќе ако нема мерки да се покачуваат платите на вработените како би можеле да го преживеат месецот но тоа покачување некако е изедено од инфлацијата за кое не можиме да се сложиме дека е поради порастот на платите бидејќи платите не пораснаа толку колку што порансаа цените и инфлацијата.

За поскапените цени реагираат и граѓаните. Велат дека од ден на ден цените растат а основните производи им стануваат луксуз. Па така при секое одење во маркет прават пресметки за тоа колку ќе треба да издвојат од домашниот буџет за да ги купат основните намирници.

АНКЕТА Граѓани

Скапо многу, ужас. Поготово овошјето и зеленчукот. Изгор. Кај кои други производи сте забележале покачување? Има покачување на се. Еве и по продавнициве за месо, месото е покачено.

Имаше кај јајцата, кај зејтинот, имаше нешто, кај месото имаше покачувања.

Мислам да. На прехранбените. Не знам детали но осетно. На што забележувате најмногу дека има покачување? Кај млечните производи, месото, јајцата.

Крставиците беа поевтини сега беа посакпи. Патлиџаните 150-170. Не се намалува ништо.

Поскапени се, на пазар се поскапени. Овошјето и зеленчукот. 200 денари се јагодите, кајсиите 300 денари. Поскапено е се ама тоа е.

Според пресметите на ССМ, вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец април 2026 година изнесува 68.797 денари. Во споредба со кошницата од месец март годинава која изнесуваше 67 818 денари е зголемена за 979 денари. Зголемувањето на вредноста на синдикална минимална кошница за четири месеци јануари, февруари, март и април 2026 година изнесува 3.305 денари. Најмногу раст бил забележан кај храната.

Претходно, министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека нема основа да се реагира во однос на цените по маркетите се додека не биде утврдено дека маркетите ги зголемуваат маржите. Најави дека периодов ќе има засилени контроли по маркетите кои допрва ќе треба да покажат дали и какви мерки ќе бидат донесени. А од денеска граѓаните ќе возат и со поскапи горива.