Живеачката се поскапа

Инфлацијата си го зема данокот. Државниот завод за статистика измери дека во март скокнала на 4,9 проценти во однос на март лани. Зголемени се и цените на мало за 3,4 отсто.

Трошоците за храна и безалкохолни пијалаци пораснале за дури 7,5 проценти. Во однос на февруари пак, трошоците за живот се повисоки за 0,7%. И проценките на Владата биле дека во март инфлацијата ќе забрза и ќе се движи меѓу 4,5 и 5 проценти. Премиерот Мицкоски пак, вели прават анализи. Нови таргетирани мерки најавува за после Велигден.. 

И додека Мицкоски очекува дека економскиот притисок врз населението ќе се ублажи, синдикалните лидери повикуваат на протест поради инфлацијата која го топи работничкиот стандард.  

Инфлацијата силно ќе удри и врз цените на земјоделските производи. Според најавите на земјоделците, нема да има зеленчук под 100 денари за килограм. Тие прстот го вперија и во трговците. И експертите не очекуваат некои драстични мерки, со оглед на геополитичките случувања. 

Инаку, минималната кошничка од почетокот на годината е повисока за 2.326 денари. Вредноста на синдикалната минимална кошничка за март изнесува 67.818 денари, додека со изнајмен стан трошоците надминуваат и 83 илјади денари.