Жителите од велешката населба Прцорек се жалат дека се отфрлени од општеството
Foto

Жителите од велешката населба Прцорек се жалат дека се отфрлени од општеството

Низ овие тесни и стрмни улици секојдневно, за да дојдат до центарот на градот, поминуваат жителите од велешката населба Прцорек. Кога е суво, некако и се стигнува, но кога сокаците ќе замрзнат, тогаш овие луѓе се отсечени од светот. А живеат во еден од најгусто населените делови на Велес. Мирјана Дестанова е една од нив. Раскажува дека времето тука како да застанало во 19 век.

Општината неодамна го изгради овој потпорен ѕид. Откако деновиве ќе се монтира и ограда, опасноста за децата ќе се намали. Сега е на ред пробивање нова улица. Ќе се гради на ридот, над целата населба. Ќе биде пристапна за автомобили, но и за камиони кои ќе можат полесно да го собираат сметот.

Министерот задолжен за ромски прашања Музафер Бајрам лично се увери во тешките услови во кои живеат жителите на Прцорек. Вели дека за подобрување на животот на Ромите во земјава, минатата година биле обезбедени 20 милиони денари, но Велес од тоа не добил ништо. Годинава со двојно поголем буџет, вети инвестиции за Ромите од овој град.

Министерот Бајрам ја пофали општина Велес, како прва, која вработила лице од ромска националност, како референт за ромски прашања. По средбата со политичарите, Мирјана Дестанова и нејзините соседи задоволна си заминаа дома. Им останува надежта дека политичарите ќе ги исполнат ветувањата, па овие жители нема да се чувствуваат отфрлени од општеството.

0 Коментари

Остави коментари