Жителите на ул. „Прилепска“ во Охрид заробени во кал и тиња
Во кал и тиња, на само 1 км од центарот на Охрид секојдневно мака мачат безбедно да стигнат до домовите жителите на улицата "Прилепска".
Секој ден по некој пешак паѓа и се повредува,пропаѓаат и автомобили во неправилно поставените шахти, а децата со страв ги пуштаат на училиште, испрскани со кал од глава до пети.Неодамна кога беа големите врнежи од дожд се поплавиле. 14 месеци велат се прави улица од 500 метри, и постојано се ветува дека ќе е готово но ништо од тоа.
Оваа улица практично поврзува две населби со центарот на градот. Ако до крајот на неделата не се преземе ништо за да се исчисти калта и да се постави барем тампон за да можат слободно да движат граѓаните најавуваат дека ќе излезат на протести пред општината, а ќе ја блокираат и ул.Железничка.
ТВ 24 побара став и од охридски Водовод.Од таму велат дека вакви активности не се решаваат преку ноќ.
„Почетните активности на Водовод започнаа после 15 септември.Не е точно дека работиме 14 месеци,на таа улица претходно работеа ЕВН,Нискоградба кабелските оператори . Имаше прекин на работите после изборниот процес па настапи долг период на интензивни врнежи каде не постоеа услови за работа. Се работи за должина од околу 600 метри со преку 70 преприклучувања на терен на кој има премногу инсталации. Досега на терен е помината повеќе од половина траса и активнпстите ќе продолжат секако зависно од временските услови." - велат од ЈП Водовод Охрид.
Последните информации од општинските служби се дека според планот улицата „Прилепска“ ќе се асфалтира во првите месеци од пролетта, додека целосната реконструкција се очекува да биде завршена до мај. Но, подетални информации околу проектот и евентуално изнаоѓање побрзо решение најавија за од утре.

