Жителите на Ново Лисиче и на Гази Баба се жалат на ужасна миризба во воздухот – бараат реакција од институциите
Дел од жителите на Скопје се гушат од токсичните отровни гасови, причината е палење на старата скопска депонијата „Вардариште“. Со високите температури и пожарите кои избувнуваат на депонијата се сериозна опасност за граѓаните и жителите на општина Аеродром и Гази Баба.
Се' уште се чувствува непријатна миризба и загаденоста на ПМ честичките во воздухот, како во зимските денови. Денеска, кај скопската депонија „Вардариште“ гореа гуми и ниска вегетација на површина од еден хектар.
Центарот за управување со кризи велат дека пријава има пристигнато до нив и дека ги известиле надлежните институции и комунални инспектори, кои ќе треба да утврдат на терен ,која е причината за ужасната миризба.
„Покрај дадениот инфо совет за контакт и пријава, до конкретните служби во конкретни општини, Центарот за управување со кризи, постапи според стандардите оперативни процедури и преку регионалниот центар за управување со кризи Скопје. Информацијата е пренесена за понатамошна постапка до комуналните инспектори на Град Скопје и до лицето за контакт во општина Аеродром“, вели Илија Бојаровски од Центар за управување со кризи.
Град Скопје со став дека Министерството за внатрешни работи треба да преземе соодветни санкции за сторителите.
Вардариште е затворена за прв пат по 60 години. На територијата на просторот каде во овој момент несовесни граѓани горат првенствено гуми од што предизвикуваат и дополнително опожарување, неопходно е да постапи Министерството за внатрешни работи со преземање ригорозни санкции со цел трајно превенирање на овие несакани настани, информираат од Град Скопје.
Градоначалникот на општина Гази Баба упати апел до сите надлежни институции дека заеднички треба да се грижат за здравјето на граѓаните. Подочи дека последниот период, на дел од територијата на општина Гази Баба е констатирана состојба на загадување на амбиенталниот воздух и неподнослив мирис.
„Ние заедно со секторот за инспекциски надзор направивме план за вонредни контроли на сите субјекти што гравитираат на тој реон. Во текот на денешниот ден тие инспекциски контроли веќе се спроведуваат и сите оние субјекти кај кои се утврди прекршување на законот и дека го загадуваат воздухот ќе бидат соодветно санкционирани, а не ја исклучуваме можноста и за кривична одговорност“, вели Бобан Стефковски-градоначалник на о.Гази Баба.
Во последното деноноќие биле регистрирани осум пожари на отворено и тоа во близина на Битола, Прилеп, Гевгелија, Кавадарци, Липково и во општина Ранковце кај с. Гиновце.