Жители во скопската населба Кисела вода плаќаат услуги за лифт, а немаат пристап до лифтот
Јанко Божиќ од општина Кисела Вода, лифтот во станбената зграда каде што живее не може да го користи. До неговиот стан на вториот кат, лифтот нема отвор за врата.
Со истиот проблем се соочуваат уште десет семејства од зградата лоцирана на улица Сава Ковачевиќ. Лифтот води само до последните два ката од објектот.
Станарите реагираат што мора да плаќаат за користење и одржување на лифт, а услуга не добиваат. Лифтот во зградата е поставен од инвеститор кој ги израдил доградбите на зградата пред речиси две децении. Голем дел од станарите кое веќе не живеат тука, своевремено најверојатно биле изманипулирани и останале без отвори за лифт, раскажува Јанко Божиќ.
Од Управителот на зградата „Ваш Сервис“ за „ТВ 24“, велат дека одлуката за плаќање на лифт може да се укине, само ако станарите соберат доволно потписи како што налага законот.
„Трошоците се заеднички за сите станари. Но, ако сакаат станарите да се укине ставката за плаќање на одржување и користење на лифт услуга која велат дека не ја добиваат тогаш треба да соберат потписи, но над 51 % од сите сопственици на станови од овој влез, велат од управителот „Ваш сервис“.
Истиот одговор го добиле станарите и од Регулаторната комисија за домување. И кај вториот влез од оваа станбена зграда истиот проблем, нема отвори за лифт за десетина семејства. Но сметката за овие станари е без ставка за наплата за услуга за користење и одржување на лифт
Станарите кои што плаќаат, а не добиваат услуга за користење на лифтот, велат дека во неколку наврати се обиделе да соберат потписи од мнозинството на сопственици на станови, но безуспешно. Во меѓувреме велат дека и понатака ќе мора редовно да ги подмируваат сметките оти извршителите неколку пати им тропнале на врата.