Жители на Топанско поле алармираат за нивниот болен сосед

Станарите од улицата Никола Малешевски во населбата Топанско поле бараат помош за нивниот 71 годишен сосед за кој велат дека е болен и едвај подвижен. Раскажуваат дека поради здравствените проблеми не бил во состојба да се грижи за себе и за неговиот дом па затоа од станот се ширело непријатна мирзба во цела зграда.

Соседите, кои кога имале можност редовно го посетувале и проверувале но и му нуделе помош на 71 годишниот човек,  со нас споделија и видео материјал на кој се гледа во какви услови живее човекот.

ВИДЕО 

Една од сосетките која сакаше да остане анонимна ни раскажа дека проблемот се влече веќе некое време. Раскажува дека покрај тоа што сакаат да му помогнат да човекот да биде згрижен, стравуваат дека ќе се разболат од нечистотијата. 

ТОНСКО Сосетка

- Човекот за жалење е. Човекот живее во мизерни услови. Болен е, го оперирале дента, навечер го пуштиле. На кого го пуштиле, кој да го негува. На човекот после операција му треба нега. Пред три четири месеци добар беше да речам. Се движеше, одеше, купуваше по нешто. Но оттогаш наваму греота. Фамилија кај има што има не знам. Но важно никој не се интересирал за него.

Другата сосетка вели дека за состојбата во која се наоѓа човекот биле известени сите институции. Но досега од ниту една институција не добиле никаков одговор. 

ТОНСКО Сосетка

- Човекот живее во многу лоша состојба, катастрофални услови. Ние како соседи не можеме ни прозор ни врата да отвориме бидејќи доаѓа дол мирис. Вие како што ве разбрав пријавивте и во труд и социјала, брза помош и полиција? Да. Има ли одговор од таму? Не, само ми кажаа дека ќе пријавиме во другиот сектор и тука завршува. Пред колку време пријавивте во труд и социјала? Има 3-4 дена и една девојка ми рече дека ќе пријави во секторот за стари лица и тука завршува се.

Телевизија 24 побара одговори од  министерството за социјална политика, демографија и млади. Оттаму велат дека не постапуваат директно во вакви случаи. Не одговорија конкретно дали до нив стигнале пријавите од соседите но кажаа дека случајот ќе биде проследен до надлежниот центар.

ТЕЛОП Министерство за социјална политика, демографија и млади

Согласно надлежностите, стручни лица од центрите за социјална работа ќе излезат на терен и ќе постапат, а доколку има потреба ќе ја известат и општината  каде што лицето има место на живеење, во поглед на постапување од нивна страна.

Телевизија 24 денеска беше во зградата каде што живее човекот. Пробавме да стапиме во контакт со него, но не успеавме. Неговата врата и по долгите ѕвонења остана затворена. 

Освен Министерството за социјална политика, демографија и млади, одговори побаравме и од МВР, за тоа дали и колку често доаѓале во зградата по пријава на соседите како  и дали успеале да стапат во контакт со некој од неговата фамилија, но до објавување на овој прилог не добивме одговор.