Жител на Скопје со месечна бруто плата од 200 илјади евра е на врвот од листата на лица со најголеми примања

2022 година воопшто не била финансиски лоша, покажува анализата на УЈП. Имено, најголемата исплатена плата лани во државата ја добивал скопјанец и таа е во висина од 144 милиони денари, а најголемиот бруто приход е во износ од 446 милиони денари, информираше денеска на прес-конференција директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во дејностите производство на вино и грозје, на метални производи, болници, трговија со фармацевтски производи, управувачки дејности и компјутерско програмирање.

А кој заработил најмногу лани? Деветгодишник е најмладиот милионер во денари, а највозрасниот има 97 години, додека 24 годишник е најмладиот милионер во евра.

Освен приходи и плати и најголемите пензии се вртат во главниот град. Па така, од првите 10 пензионери со најголеми пензии дури 8 се од Скопје, еден од Делчево и еден од Радовиш, а највисоката пензија ја земал скопјанец, кој прима пензија од странство.

Според податоците од годишните даночни пријави, лани најмногу среќа имале граѓани на Кичево и на Кочани, двајцата оствариле добивки од игри на среќа организирани од државната лотарија, односно 32,9 милиони денари заработил кичевчанецот и 27,3 милиони денари кочанчанецот.