Жежок викенд за преговарачите, се усогласуваат програмите на СДСМ и ДУИ
Foto

Жежок викенд за преговарачите, се усогласуваат програмите на СДСМ и ДУИ

Жежок политички викенд за формирање владино мнозинство. Љупчо Николовски и Артан Груби добија задача да ги пеглаат разликите од последната средба на лидерите на СДСМ и ДУИ.

Изминатата недела ја проследи официјален молк и дипломатски изјави кои не кажуваат ништо. Денеска само од СДСМ се обратија до јавноста. Преку воздржано соопштение информираат само дека продолжуваат интензивните консултации на ниво на генерални секретари за коалициски договор

„Денес започнува процесот на разгледување на поделбата на одговорностите во идната коалиција како и на предлози за соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе можат во целост да ја реализираат програмата во четиригодишен мандат“ - велат од СДСМ.

Веќе е јасно дека Заев и Ахмети се обидуваат надвор од очите на јавноста да најдат заеднички јазик, но и покрај тоа се чини дека не се помрднати од место. Барањето на ДУИ  за албанец - премиер, засега виси во воздух , а за Заев е неприфатливо приемиерското место да го дели со идниот коалиционер.

3+1, односно Зоран Заев да биде првите три години  премиер, а Насер Зибери последната, според последните брифинзи е компромисот кој Ахмети го ставил на маса, а СДСМ упорно го одбива. ТВ24 вчера објави и дека ДУИ од Заев бара и позиции од трет ешалон, како МВР, одбрана или генералштаб, како и финансии, вицепремиер за економија, но и клучното место – Министерство за правда.

И додека СДСМ и ДУИ ги влечат јажињата на своја страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се пресметува со шефот на државата. Откако најавија дека ги замрзнуваат односите со Пендаровски, сега најавуваат иницијатива до Уставен суд за мандатот.

„Во моментов можам само да ви откријам дека од коешто го размислува ВМРО-ДПМНЕ и за коешто многу набрзо ќе има конкретен одговор е дека размислуваме за поднесување на уставна иницијатива. Бидејќи во моментов Стево Пендаровски го узурпираше мандатот доделувајќи му го на еден пратеник, ист како и 119 други пратеници коишто се во Собранието, Зоран Заев којшто нема мнозинство, му го додели мандатотот и практично го узурпираше се со цел да му даде повеќе време, дваесетина дена да купи време за да може на непринципиелен начин да се обиде да народски кажано „лови пратеници“ од остатаните листи коишто партиципираат во Собранието со непринципелни методи“ - вели Димче Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Според шефот на државата прекршување на македонскиот Устав ќе имаше само во случај ако мандатот во овие 10 дена не се доделеше на никој.

И додека, во ловење на позициски места, секој се пресметува со секого, притисок има и за ДУИ. Албанската опозиција вчера му порача на Ахмети дека има само една опција, а тоа е Насер Зибери да стане премиер во спротивно да си оди во опозиција.

0 Коментари

Остави коментари