Жетвата на пченицата заврши, половина од родот остана во силосите

Жетвата на пченицата заврши, а половина од родот остана во силосите. Државата се уште не определила производствена цена. Моментално откупната цена е повисока од лани, но е далеку од барањето на земјоделците од 22-23 денари за килограм. Оние кои немаат каде да го складираат родот го предаваат на откупувачите, со бланко договори дека за пченицата ќе добијат пари по цената во моментот кога ќе побараат исплата. 

Од Министерството за земјоделство рекоа дека годинава родот е 267.000 тони. Со тоа годинешниот род во државата ќе задоволи 80 % од потребите. Сепак земјоделците велат дека приносите особено во регионот на овчеполето сериозно потфрлија. Виновни за тоа се климатските промени, помалку ѓубре на нивите поради високата цена, но и лошата соработка со мелничарите.

„Ние дадовме еден предлог цената на пченицата да биде една третина од онаа на брашното. Важно е да има добра соработка. Тоа значи во меѓусебен договор мелничарите да не подржуваат во сите фази од сеидба до жетва. Така ќе се намалат проблемите што се јавуваат секоја година“, вели за ТВ 24, Петар Стојковски, претседател на Асоцијација на земјоделци.

Според превидувањата наредната година ќе биде една од потешките во поглед на обезбедувањето на доволни количини на пченица и пченка. Македонските власти уверуваат дека ќе нема проблеми. На почетокот од Септември во рамки на „Отворен Балкан“ ќе се разговара и на оваа тема. Во меѓувреме цената на пченицата на светските берзи варира и зависи од моменталната состојба со војната во Украина.