Жестоки критики предизвика одлуката на Уставниот суд

Срамна одлука на судот. Вака коментираат дел од експертите, по вчерашното поништување на Законот за данок на солидарност, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен.

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски политики со жестоки критики кон судот. Вели, тој треба да го штити уставниот поредок, според кој земјава е социјална држава и не гледам причина зошто да се прогласи законот за неуставен.

Јовановиќ објаснува дека ваков данок се воведе во цела ЕУ, но ниту една држава не го прогласи за неуставен. Ова не е зголемување на некој данок кој компаните веќе го платиле, туку е сосема нов, а државата има право да го воведува, смета Јовановиќ. Нема никаква ретроактивност, вели тој, оти данокот се однесува на периодот што доаѓа, но основица за негова пресметка се стари податоци од финансиското работење на компаниите, што е најнормална работа.

Премиерот Мицкоски не сака да ја коментира одкуката на судот, која мора да се почитува. Ќе се прави мапирање на сите компании и ќе се пристапи лично една по една, за да се најде решение. Разочаран е од меѓународните институции кои го поддржале кога се носел.

Мицкоски откри дека се разгледува можноста да се побара одговорност од оние кои го донесоа овој данок. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, во чие време се воведе данокот на солидарност и денеска стои зад одлуката.

„Во одреден момент, кога сакате да се справите со кризи, носењето на солидарниот данок беше нужно. Дали времето беше добро избрано, најдобро знае тогашната опозиција. Тие најдобро знаат зошто тогаш го блокираа и не го гласаа во Собрание и сега тие се причината за нанесената штета. Ова денеска е последицата.“

Според одлуката на Уставниот суд, државата во рок од 5 години на 156 компании мора да им врати 50 милони евра, плус камата. Против поништувањето беше единствено судијката Добрила Кацарска, која во издвоено мислење, се изјасни дека законот имал еднократна намена, завршил и не постои во правниот систем. ТВ 24 дознава дека по одлуката, таа ќе напише ново издвоено мислење.