„Жешки капки“ од сунѓерот кој горел пронајдени врз облеката на жртвите во „Пулс“, вклучително и на јакната на Андреј од ДНК
Јагленосани тела, изгорена јакна која била на пејачот Андреја Ѓорѓиески, крв, патики, штикли, капути, гитара, фотоапарат. Обвинителството презентираше околу 90 потресни фотографии и видео снимки кои сведочеа за затекнатата состојба во објектот „Пулс“ на критичната вечер минатата година во Кочани.
Црн ранец во кој имало пластично куферче со два ресивера за активирање на пиротехнички средства, батерија од девет волти и ќеса со неискористено пиротехничко средство. Се презентираа димензиите на вратите и решетките на прозорците од тоалетите. Од Обвинителството посочија и на задната врата која била заклучена со катанец и не можела да служи за евакуација, како и пронајдените три празни противпожарни апарати.
Според направените анализи во објектот температурата достигнала до околу 800 степени, а според обезбедените видео снимки во „Пулс“ таа вечер имало околу 600 лица за време на пожарот. Обвинителите укажаа на црните капки на јакната на Андреја Ѓорѓиески и дополнително објаснија.
Основно јавно обвинителство
„Кај јакната на Андреја Ѓорѓиески, пејачот на ДНК, најдени се капки од полимерен материјал-полиуретан. Тој се користи како лепак, изолатор и друго и при оган развива многу висока температура, кој патем ослободува цијанид и други отрови. Со него била обложена дискотеката одвнатре. Над бината е нотирано дека имало метални конструкции и конзоли поставени на висина измерено растојание од бината до плафонот од 2,7 метри, што укажува на мала оддалеченост меѓу сценскиот дел и горните елементи.“
Родителите на загинатите деца, реагираа за донесената прва пресуда во врска со „Пулс“, односно за условната на тројцата полицијаци кои при акциски контроли во „Пулс“ од октомври 2023 до февруари 2024 година, во записниците за констатирани прекршоци-присуство на малолетници, наместо податоци за „Пулс“ внеле податоци за неактивното правно лице „Класик“.
родител
„Ова е внимателно сведување на вината на минимум за никој да не поднесе вистинска тежина. Системот не се соочува сам со себе, системот се штити сам себе. Ова не е правда. Ова е техничко затворање на случај.“
родител
„Очекуваме Обвинителството да поднесе жалба и да бидат осудени. Кочани е петнаесет улици, не може некој да земе документи на Димитар Влахов, а самиот инспектор да е Крижевска 2.“
Дел од адвокатите на почеокот на рочиштето кажаа дека вештачењето од Институтот за судска медицина, доказите од минатото рочиште се компромитирачки. Барањата за вкрстено испитување на дополнителни вешти лица и ангажирање технички советници од страна на одбраната, судот ги одби како неосновани. Обвинителството ваквите реакции ги оцени како алатка за одолговлекување на постапката.
Судењето продолжува следната недела, а судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска.

