Жељазков бара извинување од Мицкоски за именувањето на Георгиев како глушец

Желјазков го прозва Мицкоски - треба да најде начин да се извини. Бугарскиот премиер денеска порача дека ќе го остави наративот и изразувањето на премиерот Мицкоски на познавачите на старогрчкиот писател на басни Езоп.

Според Желјазков, многу луѓе во Бугарија не се задоволни од постигнатиот компромис во 2022та, но вели дека политичката зрелост бара да се спроведе она што е договорено, порача - Довербата во овие времиња е многу кревка.

Росен Желјазков премиер на Бугарија – Ќе го оставам наративот и изразувањето на премиерот Мицкоски, на познавачите на Езоп. Нашата принципиелна позиција е дека Република Северна Македонија да се придржува до постигнатиот консензус од 2022 година и да ги исполни обврските кои што самата ги презела. Колегата Мицкоски треба да најде начин да се извини. 

Претходно реагираше бугарското МНР - ја осуди изјавата на премиерот Мицкоски и порача дека Бугарија нема да толерира говор на омраза, лични напади и намерно поткопување на односите меѓу Скопје и Софија, затоа што - како што велат, ваквите изјави од македонска страна создаваат клима на непријателство. 

МНР Бугарија - Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро го осудува неприфатливиот и навредлив јазик што го користи Христијан Мицкоски кон бугарски функционер – во овој случај министерот за надворешни работи на Република Бугарија. Ваквите изјави се некомпатибилни со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство, за кои Република Северна Македонија јавно тврди дека ги споделува, а во пракса грубо си игра со нив. 

Тензијата меѓу Скопје и Софија кулминира откако шефот на бугарската дипломатија го нарече премиерот Мицкоски - северномакедонски премиер, а Мицкоски му возврати со аналогијата „Како глушецот кога го задева лавот“. Премиерот вчера порача дека бугарската влада во заднина ја раководи друг и дека на министерот за надворешни работи на Бугарија - Георг Георгиев, му дале задача да се задева.

Македонското МНР, пак, за изјавата на министерот Георг Георгиев, му врачи протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава Желјазко Радуков и порача дека изјавите со недоличен речник  во кои се омаловажуваат претставници на суверена држава се директна повреда на основните принципи на меѓународното право и побара од официјална Софија да се извини.