Зголемени камати за кредити

За 1,25 проценти во просек се зголемени каматитите на сите кредити од станбени, потрошувачки до тие на кредитни картички и негативни салда на тековната сметка- потврдуваат за ТВ 24 банкарски извори.

Сумите за колку им пораснале месечните рати на граѓаните зависат од видот на кредит, рочноста и променливоста на каматата.

Граѓанин за ТВ 24 сведочи дека месечната рата за станбен кредит му е зголемана за 900 денари. Друг пак со потрошувачки кредит добил 700 денари повисока рата. А пак оние кои имаат уште малку за отплата на кредитите, добиле повисока рата за 100 до 200 денари. Од Банкарската асоцијација смируваат- велат не е регистрирано драстично зголемување на каматните стапки.

- Не е регистрирано драстично зголемување на каматните стапки и секако не се очекува на кус рок да има драстично зголемување. Висината на промената, времето и производите кои ќе бидат опфатени се прашање на деловната политика на секоја банка и поради тоа најдобро е да се следат нивните поединечни објави. - МБА.

Зголемувањето следува откако четврти пат по ред Народната банка ја згоеми основната камата која се искачи на 2,5 проценти. Според банкарски извори најголем удар ќе има кај тие граѓани со станбени кредити или големи потрошувачки кредити по 50.000 и по 100.000 евра кај кои доколку се во период на промелива каматна стапка и им останало многу за отплата од главнината, тие 1,25 проценти годишно ќе ја зголемат ратата и по 100 до 200 евра.

Граѓаните пак кои имаат кредити се револтирани. Велат после бранот покачувања - ова им е нов удар врз домашниот буџет.

Инаку граѓаните и компаниите, заклучно со мај годинава, им должат на банките 6,3 милијарди евра. Од нив 3,3 милијарди евра е долгот на граѓаните. Од нив 1,7 милијарди евра се за потрошувачки кредити, 1,1 милијарда за станбени. Дополнителни 166 милиони евра им е долгот за кредитни картички и уште 105 милиони за дозволен минус на тековни сметки.

 

ВКУПНО КРЕДИТИ МАЈ 2022 6,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

КОМПАНИИ 3,1 МИЛИЈАРДА ЕВРА

ДОМАЌИНСТВА 3,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

ПОТРОШУВАЧКИ КРЕДИТИ 1,76 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

СТАНБЕНИ КРЕДИТИ 1,1 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ 166 МИЛИОНИ ЕВРА

НЕГАТИВНИ САЛДА НА ТЕКОВНА СМЕТКА 105 МИЛИОНИ ЕВРА

Извор: Народна банка.