Зголемен е бројот на нови случаи на Ковид-19 меѓу децата кои одат на училиште

Во последните седум дена се регистрирани 8.638 нови случаи на ковид-19, што е за 13,4% помалку за разлика од претходната недела, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје. Пријавени се 124 смртни случаи, за 32,6% помалку од претходната недела и 1.236 реинфекции.

Сепак зголемен е бројот на нови случаи меѓу децата кои одат на училиште. За Комисијата за заразни болести, состојбата со растот на заразени ученици не е алармантна

Во анализата на Комисијата за заразни болести за починатите од ковид за месец јануари, покажува дека најголемиот дел од НИВ се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или вакцинирани со 2 дози пред повеќе од 6 месеци.

Бројките, според извештајот на ИЈЗ, покажуваат намалување, но според епидемиологот Сашко Олунчев, бројките не се намалени, туку има многу заразени кои не се пријавуваат. Тој за ТВ24 вели дека луѓето сами се тестираат дома, со брзи тестови од аптеките и имаат поблаги симптоми и не бараат лекарска помош и со тоа не се регистрирани во системот.

- Не дека се намалува бранот, сега ќе биде врвот на бранот, меѓутоа ни се појавува како подоминантен сој омикрон. кој има поблаги симптоми. Така да, поголем дел од луѓето не ни бараат лекарска помош. Поголемиот дел се со поблаги симптоми, како на настанки, дел не се тестираат или сами со брзи тестови кои не се пријавуваат. Нормално да имаме помала бројка на пријавени, според мене имаме поголеми бројки, меѓутоа со полесни симптоми. Омикрон заразува поголема маса на луѓе, така да поголем број од нив ќе бидат во категоријата прележани за кратко време, ако повеќе го прележат во следните две недели ќе опаѓа бројката. - вели Сашко Олунчев епидемиолог.

Според епидемиолозите, во досегашната пракса се покажува дека имунитетот е краткотраен, односно трае до четири месеци, бидејќи вирусот го заобиколува имунитетот и затоа има и многу реинфекции. Вчера во Скопје започна скрининг на случајни граѓани. За еден ден биле земени околу 200 примероци од граѓани, кои се анализираат, а резулати се очекуваат во текот на следната недела.