Зголемен бројот на новозаразени, вакцините против грип дел од стратегијата за справување со КОВИД-19
Foto

Зголемен бројот на новозаразени, вакцините против грип дел од стратегијата за справување со КОВИД-19

Нови 200 случаи на КОВИД-19, 15 оздравени и четири починати лица, е билансот што го регистрира вчера Министерството за здравство.

Според податоците, по Скопје, најголем број новозаразени има во Штип, Куманово, Гостивар, Тетово и Велес.

Министерот за здравство, Венко Филипче најави зголемување на бројот на бесплатните сезонски вакцини против грип како дел од стратегијата за справување со КОВИД-19, а рече и дека се преземаат чекори за зајакнување на болничките капацитети, за брзо тестирање, како и за зголемување на медицинскиот персонал во пресрет на евентуален нов корона бран оваа есен.

Инфективната клиника, пак, овој месец ќе биде „зајакната“ со шведско искуство за нега на пациенти болни од КОВИД-19.

-Дел од нашата стратегија е двојно да ги зголемиме бесплатните сезонски вакцини против грип. Вакцината нема да биде задолжителна, но таа и тоа како е важна мерка за заштита против КОВИД-19, особено за луѓето од најранливите групи. Ќе ги вакцинираме сите лица постари од 65 години, пензионери, ќе има вакцина и за здравствените работници, за трудниците…, за тие кои сметаме дека најмногу треба да се заштитат. Верувам дека ќе има добар одзив и дека ќе прифатат вакцинација. Да се заштитат барем од сезонскиот грип, зашто за тоа има заштита-вакцина. Сега гледаме колку е вакцинацијата битна, кога се соочуваме со болест за која нема вакцина, нагласи Филипче.

Според него, продолжува изградбата на модуларни болници во 16 општини низ земјава и моментно нема недостаток на специјалисти иако лекарите веќе почнале да ги користат одморите.

0 Коментари

Остави коментари