Земон во СТУДИО 10: Бугарските пасоши се џокер в ракав на Бугарија - тоа се гледа и од пописот во Албанија
Изненадувачки податоци имавме од пописот во Албанија. Тоа не се однесува на Македонците туку на тоа дека Египѓаните кои станаа второ малцинство веднаш по Грците. Очигледно е дека е направен инженеринг не само во прикажувањето на податоците туку и во спроведувањето оти поплаки има и од Власите. Албанија најави дека ќе промовира мултикултурализам, а гледаме се враќаат на тврда нација. Но тоа може да го попречи нивниот пат кон ЕУ. Малцинствата од есен најавуваат дека ќе реагираат во Советот на Европа. Тоа што ме загрижува за Македонците, сигурен сум дека никој таму не се изјаснил како „Северномакедонец“. Тие го знаат Преспанскиот договор, а и да не го знаат не смеат да го менуваат начинот на кој се изјаснил човекот на попис. Кај нив не е јасно што е етнос а што е држава. Најзагрижувачко за мене е што тоа се поврзува со Бугарија и тоа што сме толерантни кон оние бугарски пасоши. Гледаме дека причините не се економски туку станува збор за стратегија и така го добивме ова што го гледаме сега, вели проф. Рубин Земон во СТУДИО 10 на ТВ 24.
- Колку што знам во Албанија има издадено околу 20 илјади бугарски пасоши. Треба да спречиме тој феномен да се похавува пошироко во регионот, кај Горанците на пример, а тоа може да се направи само со наше брзо влегување во ЕУ - тогаш нема да им треба бугарски пасош. Секој човек си ги гледа своите економски интереси иако не би требало да биде така, етносот е една работа, економијата друга, вели Земон.
Тој не очекува дека ЕУ може да предизвика повторување на пописот во Албанија, но може да ја услови со бенчмарк следниот попис да биде спроведен соодветно. Земон смета дека и пописот, кој е нешто повеќе од само статистичка операција, треба да биде набљудуван од странски набљудувачи.