Земјоделците од истокот бараат оставка од министерот за земјоделие Трипуновски

Состојбата во земјоделието е аларманта. Расте револтот кај земјоделците во државата, кои, како што тврдат се оставени сами, на раб на егзистенција. Од Националната Земјоделска мрежа велат дека чашата е прелиена и бараат итна и неотповиклива оставка од Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.

Во услови кога светот се соочува со најголемата криза за храна, енергенси и енормен раст на цените на репроматеријалите, Министерството троши народни пари на скапи кампањи за да прикаже „успешни политики“ – посочуваат оттаму.

НЗМ

ЈАВЕН РЕВОЛТ: ЧАШАТА Е ПРЕЛЕАНА!

Националната земјоделска мрежа бара ИТНА И НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА од Министерот за земјоделство! Не прифаќаме повеќе да бидеме статисти во вашиот ПР театар додека е доведен во прашање опстанокот на нашите семејства и на нацијата. Поради тотална неспособност, понижувачки однос и уништување на аграрот, ЈАВНО БАРАМЕ МИНИСТЕРОТ ПОД ИТНО ДА СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА или да биде веднаш разрешен!

Земјоделецот заслужува достоинство, а не потсмев!

Реакцијата следува откако викендов на трибина во Битола, организирана од Министерството за земјоделство дел од сточарите упатија жестоки критики на адреса на министерот поради неисплатени субвенции. Од Земјоделската мрежа оценуваат дека истата беше само уште едно лошо сценарио со познат декор и, како што подвлекуваат, наместо вистински дијалог, видовме сали исполнети со дотерана јавна администрација која цинично се исмева на изјавите и маката на вистинските земјоделци. 

ТВ 24 го контактираше и Министерството. Побаравме став за барањето министерот да си поднесе оставка, меѓутоа од таму велат дека трибината што се одржа во сабота во општина Битола е со цел да разговараат со земјоделците, да ги слушнат, затоа што секоја добронамерна идеја и сугестија е добредојдена.

МЗШВ

- Обидите за нарушување на текот на трибината од страна на поединци со однапред подготвено сценарио не ја одразуваат вистинската атмосфера и текот на средбата во Битола. Од страна на присутните во салата имаше реакции и негодување на недоличното однесување на двајцата поединци. Остатокот од трибината помина во најдобар ред, во конструктивна атмосфера во која без навреди и провокации земјоделците поставија конкретни прашања, на кои им беше даден соодветен одговор.

Инаку, изминатиот период во овој сектор сведоци сме на низа коруптивни скандали. Прво, Европската комисија ги прекина сите исплати од ИПАРД 3 програмата поради сериозен корупциски скандал во кој беше приведен директорот на Платежната агенција, за по само неколку месеци и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, да биде приведен по сомнение за примање мито, откако го фатиле со обележани пари, кога од бараните 100 илјади евра земал половина од сумата за да овозможи влез на стока.