Земјоделците го складираа лебното зрно, чекаат подобра откупна цена

Седумдесет отсто од пченицата е складирана во силосите и амбарите на производителите од источниот регион се проценките на потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов. Тој за МИА вели дека жетвата на лебното зрно и на јачменот е завршена, а откупната цена на житните култури е ниска и неисплатлива за да се предаде во млиновите или на трговците, кои бараат за извоз. Посочи дека годинава заради скапата цена на ѓубрето, родот е слаб и во квалитет и во кванитет. Ако пред една година ѓубрето било 600 денари, годинава беше 2200 денари.

-Откупната цена е иста како и во екот на жетвата, јачменот е од 16 до 17 денари и тоа го откупуваат трговци, нашите сточари не можат да ја платат ни таа цена. Пченицата е од 18 до 19 денари, ја откупуваат млиновите, а трговицте даваат по 20 денари за извоз. Оваа година е многу лоша, бидејќи имаме многу малку род, имаме 200 до 250 килограми род. Навистина  беше многу скапо ѓубрето и земјоделците не можеа сите да фрлат ѓубре, а немаше ниту дождови, вели Серафимов.

Тој  додава дека земјоделците од штипскиот и овчеполски регион ја губат битката со храната, поради климатските промени, сушата и руинираниот систем за наводнување. Смета дека ако државата не помогне со субвенционирање, многу од земјоделците ќе се откажат од земјоделство.

-Ние сме секако зависни увозно, меѓутоа ако државата нешто помогне да субвенционира репроматеријали, нафта може да продолжи работата, инаку ќе се откажат многу производители, вели Сарафимов.

Жетвата на житните култури заврши, но се уште не е формирана и производствената цена на лебното зрно, затоа голем дел од производителите и тактизираат, односно не го предаваат својот род во млиновите.