Земјоделците бараат од владата субвенции за произведениот сончоглед

Ако Владата не го тргне сончогледот од листата на луксузни производи и ако не одвои дополнителни субвенции, оваа земјоделска култура ќе ја снема од полињата. Производителите и преработувачите на сончоглед се жалат дека поради лошите временски услови, но и некои потези на владата, нивната работа станува нерентабилна.

Првиот човек на велешка Маслодајна Горанчо Лазов вели дека тие годинава не можат да платат повисока цена за сончогледот, оти нивното масло за јадење ќе стане неконкурентно, откако Владата дозволила евтин увоз на овој основен прехранбен производ. Тој бара Владата да го тргне сончогледот од листата на луксузни производи, со што ДДВ-то ќе се врати од 10 на 5 отсто.

Производителите на сончоглед спасот го гледаат во дополнителни субвенции. Побараа Министерството за земјоделие да го вклучи интервентниот фонд и од него да им исплати по 6 до 7 денари по килограм.

До затворањето на овие вести, ниту од Министерстовото за финансии, ниту од Министерството за земјоделие не добивме одговор како ќе постапат на овие барања на земјоделците и преработувачите на сончоглед. На инсистирање на раководството на велешка Маслодајна, пред неколку години сончогледот се врати на македонските полиња, а увозот на сончогледово зрно се намали.

Откако годинава производстовто се преполови, од фабриката размислуваат наместо сончоглед, да увезат рафинирано масло, што ќе ги доведе во опасност работните места на оние, кои во „Кристал“ работат на преработката на сончогледот. Оваа фабрика е единствената во земјава која купува сончоглед и сама си прави суровина за производство на зејтин.