Зеленски: Донбас е комплетно разурнат, таму е „пекол“

Русија ги засилува нападите во источна украина и ја зголемува контролата над Донбас. Освен Доњецк, цел на гранатирања во изминатава седмица е и регионот Луганск, каде напредува руската армија.

Од министерството за одбрана на Русија, тврдат дека ослободувањето на самопрогласената Луганска Народна Република е речиси завршено.

„Се повеќе територии се одземаат од Украина од страна на борците поддржани од Русија и вооружените сили.“ - изјави Сергеј Шојгу министер за одбрана на Русија.

Првиот човек на Херсон во јужна Украина, градот кој од пред еден месец е под руска контрола, најавува дека регионот наскоро целосно ќе се интегрира во Русија а жителите ќе можат да аплицираат за руско државјанство.

Украинскиот претаседател предупредува дека ситуацијата во Донбас е страшна а регионот е речиси целосно разурнат. Зеленски ја обвини Москва дека намерно ја уништува цивилната инфраструктура. Од генералштабот на армијата велат дека украинските сили во изминатово деноноќие го одбиле рускиот напад врз градот Сјеверодоњецк, но жестоки борби се уште се водат на границата меѓ регионите Луганск и Доњецк.

„Вооружените сили на Украина продолжуваат со ослободување на регионот Харков, но во Донбас, окупаторот го зголемува притисокот. Таму е пекол, и не претерувам кога го кажувам ова. Има брутални и апсолутно непотребни бомбардирања.“ - изјави Володимир Зеленски претседател на Украина.

Во меѓувреме, се уште трае повлекувањето на борците од фабриката за челик Азовстал во Мариупол, местото кое беше последно упориште на украинските војници во пристанишниот град...Од Руската армија велат дека досега се предале околу 1.900 борци кои со недели беа заробени во подрумите на фабриката. Првиот човек на единицата „Азов“, вели дека војниците го положиле оружјето и веќе не го бранат градот.

„Ден 86 од одбраната на Мариупол. Високото воено раководство даде наредба да се спасат животи,  да се зачува благосостојбата на војниците и да прекине одбраната на градот. И покрај жестките борби, и покрај тоа што бевме опколени, докрај се боревме.“ - изјави Денис Прокопенко командантот на „Азов“.

Американскиот Конгрес денеска ја одобри помошта за Украина во висина од 40 милијарди долари. Пакетот вклучува 6 милијарди долари кои ќе бидат наменети за опремување на армијата со оклопни возила и зајакнување на воздушната одбрана на земјата.