„Зелена дипломатија - новото нормално” Османи и вработените во МНР на работа со тротинет

На тротинет вработените од МНР ќе одат на состаноци и ќе ги завршуваат работните обврски во текот на денот. Шефот на дипломатијата Бујар Османи прв направи пробен круг со новите тротинети.

Вработение во неговото министерство ќе ги користат тротинетите како превозно средство за да се даде пример за одговорно однесување кон животната средина и аерозагадувањето.

- За вакви секојдневни кратки дестинации, треба да се обидеме, колку можеме повеќе и колку ни дозволуваат околностите, да се користи велосипед, електричен тротинет. Преку вакви примери, си помагаме себе си, ќе им ослободиме простор на другите, ќе ѝ помогнеме на околината и на природата, за да имаме почиста животна средина. - изјави Бујар Османи- министер за надворешни работи.

Тротинетите на МНР предизвикаа реакции од страна на Алијанса за албанците и Алтернатива- набавката на тротинети е обид да се прикрие луксузот во ДУИ, велат отаму.

- Набавката на неколку тротинети за вработените во Министерството за Надворешни Работи е само обид да се покрие луксузот на функционерите на ДУИ. Во пресрет на локалните избори, Бујар Османи сака да фрли пепел во очите на граѓаните, додека неговите сопартијци, градоначалниците на Дибра, Струга, директори на јавни претпријатија, како и на самата Влада, трошат милиони денари на скапи автомобили. - изјави Коалиција Алијанса за албанците и Алтернатива.

Премиерот Зоран Заев претходно соопшти дека целта на воведување на еколошката такса и поскапувањето на нафтата е граѓаните наместо автомобили да почнат да возат електрични тротинети и велосипеди, но дали ќе влијае и кај свеста на функционерите коишто сега се возат во луксузни службени возила, кои на секои три години ги набавуваат преку лизинг? Заев ги повика своите колеги и министри први да дадат пример.