Здружението на судии ќе го тужи Уставниот суд во Стразбур, Уставен суд возвраќа - реакцијата не е аргументирана
Здружението на судии испрати остра реакција за одлуката на Уставниот суд донесена во мај со којашто беа отфрлени иницијативите што ги поднесоа со Судскиот совет за поништување на одредбите од Законот за плати на судии.
За Здружението е спорно тоа што одлуката на Уставен се применува ретроактивно, што според нив е неуставно и го цитираат членот 52 кој гласи „Законите не може да имаат повратно дејствие, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните“.
- Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29.02.2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 01.02.2024 година, е скандалозно, неприфатливо и defacto го урива правниот систем на државата. Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на Законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на Законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во право раздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата.
Од Уставниот суд пак велат дека реакцијата на Здружението не е правно аргументирана и наместо со платите и одлуките да се бават со угледот на судството.
- Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Судот по предметната иницијатива одлучи, но дел од реакцијата на Здружението на судиите не соодвествува со уставната, правната и судската култура кои се од исклучително значење за враќањето на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот. - велат од Уставен суд.
Здружението на судии најавува нова иницијатива исклучиво по однос на ретроактивната примена на Законот. Бараат Уставниот суд да постапува согласно неговите надлежности, во спротивно ќе поведат постапка пред Европскиот суд за човекови права.
Уставниот суд на 15 мај одлучи да не поведе постапка за Законот за изменување на законите за плати на судиите и за Законот за платите на членовите на Судскиот совет. Судот утврди дека намалувањето на коефициентите за 13 отсто е направено со Закон, што е во надлежност на Собранието.
Платите, сепак, станале поголеми, бидејќи пораснала просечната плата во државата и останале доволно високи согласно статусот на овие лица. Во почетокот на годинава, Собранието ги намали коефициентите за пресметка на сите функционерски плати. За судиите, коефициентите кои се движеле во распон од 2,8 до 3,7 се намалени на распон од 2,43 до 3,21, а кај Судскиот совет, 3,7 и 4 се заменети со 3,21 и 3,47.