Здружението на инжињери и професори енергетичари бараат да присуствуваат на утрешната седница на комисијата за економија
Здружението на инжињери на Македонија извести дека доставиле официјално барање за учество на инженери и професори енергетичари на утрешната собраниска комисија за економски прашања околу предлог законот за изградба на гасна централа која би требало да ја гради грчки Митилинеос. Тие бараат пратениците во Собранието да не го изгласаат штетниот закон за „Митилинеос когенеративна постројка скопје“, а повиканите институции да преземат мерки во рамките на своите законски надлежност за постапување во услови кога се евидентни ризиците од корупција, односно кога има индиции за обид за кривични дела.
- Група реномирани универзитетски професори и инженери - врвни и докажани авторитети и експерти во својата научна област, преку свои јавно изнесени ставови, мислења или егзактни пресметки во медиумите или социјалните мрежи, укажуваат дека проектот „Митилинеос когенеративна гасна постројка Скопје“ е несомнено профитабилен базичен енергетски проект, што треба да се гради како еден национален проект финансиран и изграден од нашата држава, а не од некој странски стратешки инвеститор. Со оваа гасна електрана треба да стопанисува државната компанија ЕСМ, при што од остварениот профит во наредниот период ќе се создадат можности да се финансираат нови базични енергетски објекти. Во секој случај не смее да се дозволи од овој проект приватниот странски инвеститор да остварува енормен профит и дополнително да му се дава државна помош како и голем број на поволности и поттикнувања финансирани од државниот буџет, од средствата на државните енергетски претпријатија што припаѓаат на сите граѓани или пак од самите потрошувачи, преку плаќањето на нивните сметки за струја и топлина. Енормниот профит и огромната државна помош на стратешкиот инвеститор Митилинеос се правно регулирани преку „Закон за Митилинеос когенеративата електрана Скопје“ и бројни договори за кои е предвидено веднаш по донесување на овој Закон да бидат потпишани помеѓу Митилинеос и Владата, како што се: „Договор за стратешки инвестиционен проект Митилинеос когенеративна централа Скопје“; „Договор за државна помош“; „Договор за откуп на електрична и топлинска енергија“; „Договор за гаранции“; Договор за закуп на градежно земјиште“, итн. Стратешкиот инвестиционен проект „Митилинеос когенеративна електрана Скопје“ е всушност добро осмислен и бескрупулозен стратешки грабеж на граѓаните и буџетот на Македонија во наредните 30 години. Државната помош што Владата ќе му ја даде на Митилинеос е неколкукратно поголема од неговата инвестиција. - се вели во соопштението.