Здравството во 2023-та во сенка на многу нерасчистени афери
Протести, афери, борба за пристап до лекови и терапии....Тешка година за пациентите со дијабетес, цистична фиброза и карцином, но тешка и за дел од здравствените работници кои на улица ги бараа своите права....
Годинава завршува без епилог за скандалот со Универзитетската клиника за онкологија, кој предизвика низа протести кај граѓаните со барања за правда и одговорност.
„Сиот овој молк од страна на Владата и надлежните институции укажува на тоа дека се вмешани највисоките структури“.
„Имаме многу прашања на кои не можеме да си дадеме одговор и реално одогворно бараме да ова се разреши најскоро што може“.
Дали, кој и какви малверзации правел со терапиите за најтешко болните? Обвинителството и по речиси четири месеци од отворањето на предистрагата не даде одговори за јавноста.Ниту пратениците во Анкетната комисија, не смогнаа сили да донесат заеднички заклучоци за утврдување на евентуална политичка одговорност. Наместо тоа комисијата се претвори во бојно поле помеѓу власта и опозицијата.
Онколошките пациенти останаа разочарани и изгубија надеж за брза разрешница. А, и покрај тешката здравствена состојба, пациентите со цистична фиброза со месеци излегуваа на улица барајќи да се обезбеди лекот Трикафта. Крајот од годинава сепак го дочекаа со позитивни вести.
„За нас ова е многу голем ден... Ден којшто го мислевме и за којшто мечтаевме сите овие месеци и години наназад во кои слушавме дека има лек за оваа болест“, вели Фики Гаспар - Асоцијација на пациенти со цистична фиброза .
Тешка година и за пациентите со дијабетес кои со месеци немаа ленти и глукомери и меѓусебно си позајмуваа за да ја контролираат здравствената состојба. Низа протести кои одвај резултираа со решенија.
„Со години минуваме низ голгота делумно заради здравствената состојба но најмногу заради системскиот хаос“
Протестираа и дел од здравствените работници, кои со години работат со договор на дело без здравствено и пенсизско осигурување и за минимална плата.
„Немаме ниту здравствено ниту пензиснко, ниту право на одмор и боледување, значи практично немаме никакви права“...
А здравството доби нов министер – четврти по ред во изминативе шест години. Фатмир Меџити седна во министерска фотелја со големи амбиции, најави за реформи на системот, а како што самиот се пофали - и со неколку одржани лекции за неговите владини колеги.
„Навистина им држев едно убаво предавање како што држиме ние лекарите во Медицински факултет за да им кажеме на сите во Владата дека здравството е сензитивна работа и дека сите ние еден ќе бидеме пациенти“...
Еден директор на скопскиот клинички центар, решавање на сообраќајниот хаос, нови лекови на позитивната листа, ова се само дел од ветувањата во секојдневните изјави на Меџити во изминативе десет месеци. Новиот клинички центар пак и натаму останува само во најава.