Здравствените власти се уште го истражуваат случајот со смртта на 41 годишната беровчанка
Прво извештајот од штипската болница за случајот Довичинска да стигне до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, па Министерството за здравство ќе формира Комисија за стручен надзор. Утре е крајниот рок.
Документацијата во врска со лекувањето на 41 годишната беровчанка веќе е во инспекторатот. Со извештајот треба да бидат доставени и писмени изјави од директорот и вработените, особено за времето кога се случувале повиците. Во синоќешното гостување во „24 анализа“ директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, рече дека е рано да се каже дали има или не одговорност во случајот од страна на медицинскиот кадар.
Она што при увидот досега го констатирале инспекторите е дека за пациентите со Ковид на штипско инфективно се грижат два тима составени од тројца лекари и четири медицински сестри. На смена се по 12 часа.
Дневно се трошат од 30 до 40 боци кислород. Бидејќи нема друг начин на алармирање од страна на пациентите во собата за медицински сестри постои телефон и тој број е истакнат на ѕидот на секоја болничка соба. Здравствените инспектори влегоа во штипската болница откако ќерката на Руменка Довичинска која почина по комликации од Ковид, јавно на социјалните мрежи објави скриншотови од телефонот на нејзината мајка во кои се гледа дека таа ноќта пред да почине безуспешно се обидувала да добие кислород, а на повиците никој не и одговорил.
Откако случајот стигна во јавноста, штипско инфективно доби уште две нови телефонски линии за пациентите, а директорот вчера потврди дека ќе има и организациски промени на одделението.