Здравствените работници го бараат ветеното покачување на платите од владата
Foto

Здравствените работници го бараат ветеното покачување на платите од владата

Здравствените работници се разочарани што и овој месец останаа без најавеното покачување од 5% на платите. Дополнително велат здравствените власти манипулираат со оглед на тоа што не станува збор за трајно покачување на платите туку за додаток со финансии обезбедени од Светската банка, кој што ќе го добиваат во одреден временски период. 

„Не се работи за покачување на плата од 5% туку временски ограничен додаток на плата кој што ќе биде со пари од Светска банка покачување на плата се врши исклучиво со буџетски средства и колективен договор, така што тоа не го сметаме за покачување, и ние и другиот синдикат баравме договор за да тоа се трансформира во трајно покачување на платата“...  - Др Горан Беговиќ - претседател на Самостоен Синдикат на Клинички Центар „Мајка Тереза“.

И по четири месеци Министерот за здравство повторно вели дека станувало збор за технички и административни проблеми. Сега најавува дека следната недела сите здравствени работници ќе ги добијат 5%.

„Требаше до крајот на оваа недела, меѓутoа уште една завршна постапка во Фондот за здравствено осигурување останува, што значи следната недела здравствените работници – сите, не само ти што работат со Ковид добиваат зголемување од 5% ... Притоа кумулативно ќе ги добиваат сите средства за заостанатите месеци: март, април, мај, јуни и потоа ќе си продолжи редовната исплата од јули.“ - Венко Филипче - Министер за здравство.

Министерот Филипче уште во средината на март преку објава на Фејсбук информираше дека започнувајќи од мартовската плата ќе има зголемување на платите за сите вработени во здравствениот сектор за пет проценти.

Од синдикатот на вработените во скопските клиники порачуваат дека единствен пристап кој може да доведе до смалување на одливот на докторите и медицинските сестри, како и нивно враќање во јавното здравство е соодветното вреднување на нивниот труд и почитување на нивното достоинство.

0 Коментари

Остави коментари