Здравствен инспекторат: Утре ќе се комплетира извештајот за Михајлова која по царски рез стана неподвижна

Завршен е вонредниот надзор во штипската и струмичката болница, а денеска ќе заврши и контролата во Универзитетската клиника за неврологија. Од здравствениот инспекторат за ТВ 24 велат дека утре ќе го комплетираат извештајот за 19 годишната Станка Михајлова, која по царски рез остана неподвижна.

Инспекторатот ќе треба да утврди дали имало некакви пропусти во третманот на 19 годишната Михајлова од Струмица – мајка на две деца. 

Надзорот го иницираше министерството за здравство откако нејзиното семејство преку социјалните мрежи обвини за лекарска грешка. Од министерството порачаа дека случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи.

Досега реакција стигна само од клиничката болница во Штип од каде соопштија дека пациентката имала уреден постоперативен тек и била испишана во добра состојба, но дека оставаат надлежните да утврдат.

Семејството на Михајлова порача дека очекува надлежните да утврдат како дошло до влошување на нејзината состојба и одговорност доколку се утврдат пропусти.