„Здрава котлина” најавува жесток отпор по новите концесии за рудници во источна Македонија

Еколошкото здружение „Здрава котлина“ повикуваат на масовен отпор, стравувајќи дека истражувањата ќе доведат до отворање нови рудници, откако Владата распиша концесии за проспекциски геолошки истражувања за потенцијални рудници во Источна Македонија. Одлуката на Владата е објавена во Службен весник на 3 јули и е потпишана од вицепремиерот Љупчо Димовски, наведуваат од здружението, посочувајќи дека таа претставува почеток на нов бран рударски активности во земјава.

ТЕЛОП – ЕКОЛОШКО ЗДРУЖЕНИЕ - „ЗДРАВА КОТЛИНА”

Додека обичниот народ се бори за пристоен живот, чист воздух и за заштита на сопствениот имот, луѓето во фотелјите со еден потпис решаваат да ја претворат нашата татковина во рударско решето. Ова не е битка меѓу политички партии, ниту е обична еколошка интервенција. Ова е генерациска, биолошка борба за опстанок на нашите семејства, на нашите домови и на плодната македонска земја.

Според активистите, граѓаните треба внимателно да ја следат содржината на владината одлука и нејзините можни последици. Од „Здрава котлина“ сметаат дека тврдењата оти станува збор исклучиво за истражувања претставуваат обид за смирување на јавноста и потенцираат дека „Секој рудник во минатото започнал токму со вакви проспекциски активности, кои подоцна служеле како аргумент за барања, арбитражни постапки и притисок врз државата“. 

ЕКОЛОШКО ЗДРУЖЕНИЕ - „ЗДРАВА КОТЛИНА”: Во случај на хидролошки шок или сеизмички настан, ризикот од уривање или преливање на јаловиштето паѓа директно врз локалното население. А ако приватната компанија се соочи со колапс или банкрот при пад на цената на бакарот — таа едноставно може да си замине. Трошокот за санација на еколошка катастрофа од милијарди евра тогаш паѓа директно на товар на државниот буџет, токму сценариото против кое меѓународните финансиски институции редовно ги предупредуваат земјите во развој. 

Нема да копате. Никогаш. Ниту вие, ниту оние по вас, ниту оние кои ќе дојдат по нив. Никој, никогаш, по ниту една цена! - порачуваат од Здрава Котлина, притоа најавуваат жесток отпор против давањето државна земја на приватни фирми за отворање рудници и ги повикуваат советите во општините да дадат негативно мислење на секое пристигнато барање за проспекција.