„Здрава иднина“: Опасно за пациентите е комисија да одлучува за кардиоваскуларни операции
Одлуката стручни комисии повторно да одлучуваат за кардиоваскуларни операции може да го врати македонското здравство дваесет години наназад и директно да ги загрози животите на пациентите реагираат од Здружението за превенција на кардиоваскуларни заболувања „Здрaва иднина"од каде изразуваат длабока загриженост и прашуваат – дали повторно се воведуваат административни бариери во моменти кога секунди одлучуваат за живот или смрт!? Потсетуваат и дека укинувањето на ваквите комисии во минатото донело побрзо и поефикасно лекување, со што биле спасени илјадници животи.Воведувањето нови административни филтри, како што наведуваат, не само што отвора врата за потенцијална корупција и фаворизирање, туку и му го одзема правото на лекарот специјалист да донесе итна одлука на лице место.
Во меѓувреме Алармантниот извештај на странските експерти – кој открива дека дури девет од тринаесет анализирани пациенти биле подложени на непотребни срцеви операции заради профит – сè уште патува низ домашните институционални лавиринти. Иако содржи сериозни индиции, овој документ сè уште не е доставен до Јавното обвинителство.Освен до обвинителите, материјалите треба да пристигнат и до Антикорупциската комисија (ДКСК). Од таму потврдуваат дека сè уште го чекаат извештајот, по што ќе направат анализа за да утврдат дали случајот е во нивна надлежност и дали ќе покренат официјална постапка.
На барање на Министерството за здравство, и Лекарската комора активираше свои комисии за вонреден контролен надзор. Нивниот биланс досега вели дека 60 случаи се веќе проверени и за нив е подготвен извештај.45 случаи се во завршна фаза на анализа и15 предмети допрва треба да поминат низ стручна контрола.
,,Доколку Министерството за здравство процени дека има елементи за одговорност, тие можат да покренат кривични пријави или да побараат одземање на работните лиценци на лекарите. Нашите наоди не се судски вештачења, но дефинитивно можат да послужат како база за нив.“- велат од Комората.
Министерот за здравство минатата недела потврди дека дел од документацијата од Комората е веќе пристигната на негова адреса и најави дека одредени извештаи ќе одат на дополнителна и подлабока анализа.

