Завршува 59 издание на Охридско лето
Foto

Завршува 59 издание на Охридско лето

Охридско лето запиша уште едно успешно фестивалско издание во богатата фестивалска историја, изјави денеска на завршната прес-конференција од годинешното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ , директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ.

Како што рече Поповиќ, на фестивалските сцени годинава продефилираа 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат фестивалската програма.

Осврнувајќи се на концептот на фестивалот кој е традиционален, со класична музика и театар, директорката потсети дека во рамките на дополнителната програма годинава беа воведени содржини кои беа привлечни и атрактивни за пошироката публика.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов на последниот фестивалски ден истакна дека и годинава се реализира уште едно квалитетно, врвно, атрактивно фестивалско издание, и како што рече, достојно за паметење.

Драмската програма на 59-тото фестивалско издание исто тaка понуди квалитетни театарски претстави со исклучително добри театарски куќи кои внесоа свежина на фестивалот и оставија силен печат врз публиката. Веднаш по завршувањето на ова, ќе започнаат подготовките за следното фестивалско издание, најави селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски.

На завршната прес-конференција, директорката и програмските селектори најавија дека следната година, по повод јубилејот на шеесеттото издание, „Охридско лето“ ќе биде збогатен со нови содржини кои ќе ги потврдат и продолжат високите позиции што ги има оваа најголема музичко-сценска манифестација во Република Северна Македонија која е дел од Европската асоцијација на фестивали.

Завесата на годинешното фестивалско изание ќе биде спуштена вечерва на Античкиот театар со театарската претстава „Одисеј“ од Горан Стефановски и во режија на Александар Поповски. Се работи за копродукциски проект на театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје.

0 Коментари

Остави коментари