Завршни зборови за судењето за пожарот во модуларната болница

Имало или не противпожарни апарати во опожарената модуларна болница во Тетово во која изгореа 14 лица и кој бил одговорен за нивно поставување? На повторното судење во тетовскиот Основен суд, обвинетите директори на болницата - Флориан Бесими и Артан Етеми, се бранеа дека тие немале обврска тоа да го проверат, ниту пак се потпишале на записникот за приемот на модуларната болница.

Но за разлика од Обвинителството, тврдат дека ПП апарати сепак имало. Обвинителството уште еднаш потврди дека кабелот со краток спој го предизвикал пожарот. Сепак, остана неразјаснето кој е виновен за електричната и техничка инсталација како и целосната изведба на овие префабрикувани контејнери, во кои пожарот лесно избувнал а потоа и бурно се проширил.

Обвинителот и семејствата на загинатите побараа максимална казна за обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата безбедност. 

Тетовската болница како правно лице, не се смета за одговорно за пожарот.  Според нивниот претставник, опремувањето на овие префабрикувани контејнери како и поставувањето на ПП апарати не било нивна надлежност, туку на Министерството за здравство, како и на Министерството за социјална политика кои го добиле грантот од Светската банка за итен одговор на Ковид пандемијата. 

И одбраната на обвинетите во својот завршен говор ја спомена техничката изведба, повикувајќи се на вештачењето на германските експерти. 

- Проект за техничка инсталација ниту пак надзор на изведбата немало. Флориан Бесими и Артан Етеми не се инвеститори, изведувачи или пак во надзорен одбор за поставувањето на модуларната болница. - Одбрана на обвинетиот Артан Етеми.

Обвинителството пак тврди дека сите стандарди за поставување на модуларната болница биле запазени, а кобната грешка ја гледа во отсутсвото на ПП апарати.  

Пресудата по повторното судење ќе биде изречена овој петок од судијата Реџеп Муса.