Завршиле ли парите за лекување на погрешно место? Претреси, заплени и сомнежи за криминал - прилепската болница е фокус на финансиска истрага.

Пари исчезнувале, документи се проверуваат, а болницата е под лупа. Утрото во Прилеп започна со полициска акција и претреси на осум локации, под сомнение за финансиски криминал во прилепската болница.

Според информациите од Обвинителството, предметот се однесува на можна злоупотреба на службена положба и овластување, поврзана со финансиското работење на болницата. Наредбите за претреси ги издал Основниот јавен обвинител од Прилеп, а акцијата ја води Управата за финансиска полиција. Станува збор за осум локации, од кои дел се во градот, а дел на адреси на луѓе поврзани со болничкиот менаџмент.

„Основното јавно обвинителство Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а поврзано со финансиското работење на болницата. Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази.“

Во акцијата, освен во установата, се претресуваат и приватни домови на луѓе, за кои постојат индиции дека се вмешани. Во недостиг на официјални информации, прилепската чаршија дел од претресите ги поврзува со името на екс директорката на болницата и поранешна пратеничка на СДСМ Кети Смилеска. Нашиот обид да ја провериме оваа информација остана безуспешен. Кога го завртевме нејзиниот број, ја добивме оваа порака.

Истражителите не се појавија случајно. Пред околу два месеца финансиска полиција почна да го проверува финансиското работење во болницата, откако неколку месеци претходно, оваа здравствена институција пријави блокирана сметка и наследен долг од три милиони евра. Актуелниот директор Кире Јоноски тогаш соопшти дека државни пари се трошеле во кафеани, игротеки, дека недостигаат 70 службени мобилни телефони, за кои нема евиденција кој ги користел, а пари од болничката каса се испалаќале на рака. Уште тогаш беше најавено дека ќе се истражува како се трошеле парите.

По завршувањето на претресите, како што соопшти Обвинителството, истрагата продолжува со прибирање на финансиски и други докази. Засега не се соопштува дали има приведени или осомничени.