Заврши седницата на ДИК, отфрлени сите приговори

По час и половина заврши седницата на Државната изборна комисија. Отфрлени се сите 2.142 приговори поднесени од партиите за предвремените парламентарни избори.

За 1.478 приговори од вкупно 1.982 поднесени од Левица, членовите на Комисијата утврдија дека тие немале потпис од овластениот претставник и немаат печат од подносителот на листата, додека за другите 504 потенцираа дека не се поткрепени со докази и текстот во образложението е ист за сите овие приговори. За приговорите на АА и на Алтернативата исто така беше оценето дека не се поткрепени со докази, како и на Демократи, на СДУ, на Интегра, МОРО Работничка партија и на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од партиите чии приговори беа отфрлени бараа увид во избирачкиот материјал, како и на неважечките ливчиња, но тие не беа поткрепени со докази.

ДИК ги отфрли сите поднесени приговори. Започна со обраќање на Борис Кондарко кој предупреди дека партиите гласовите кои им недостасуваат да ги бараат кај гласачите, а не да мешаат политика во ДИК. Следуваше жестока расправа помеѓу Јанко Бачев, лидерот на „Единствена Македонија“ и претседателот Дерковски, а потоа и со навредливи зборови кон членот на ДИК Елизабета Постоловски по што беше замолен да ја напушти седницата.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, на јавната седница го прочита приговорот на ВМРО ДПМНЕ во кој се вели дека нивните сознанија од нивните претставници во избирачките одбори при броењето на гласачките ливчиња се дека најголем дел од неважечките ливчиња биле со чкртнато Северна од името на државата, Република Северна Македонија.

 

Коалицијата Обнова за Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ, смета дека треба да се разгледаат повторно овие неважечки ливчиња и да се прифатата како важечки бидејќи се работи за заблуда, а всушност гласовите треба да одат на нивното конто бидејќи е заокружен бројот 14.

Овој број беше реден број на оваа коалиција на гласачкото ливче. Приговорот беше едногласно одбиен. Беше одбиен приговорот и за рачно броење на сите гласови.

Претседателот Оливер Дерковски на крајот истакна дека во текот на изборниот процес ДИК се соочиле со низа лага, клевети и лажни вести се изнесувани преку Фејсбук од страна на политичарите кои учествуваа во изборниот процес. На крајот ги демантираше сите такви тврдења изнесени на социјалните мрежи.

– Имавем мирни, фер избори, секој доби онолку гласови колку што одлучија граѓаните. Освен што имавме технички проблеми со електронскиот систем, ДИК беше цел на шпекулативни, лажни вести за да се наруши кредибилтетот на оваа институција.  Сакам да ги демантирам сите лажни вести кои се појавија досега, рече на крајот Дерковски.

Партиите имаат право за овие одлуки на ДИК да се жалат до Управниот суд.